Судбината на австралискиот рудник за јаглен Кармајкл е лекција за македонските противници на рудникот Иловица

Еден од рудниците кој се намачи да ја испорача првата пратка јаглен е рудникот Кармајкл во Квинсленд, Австралија, кој започна со работа во декември 2021 година. На неговото отворање претходеа голем број протести и политички препреки. Главните критики беа за влијанието на рудникот врз животната средина и емисиите на јаглерод, информираат од Еуромакс рисорсис во обидите да ја сменат сликата за нивната инвестиција во рудникот Иловица-Штука во Македонија, објавува мкд.мк, пренесува НетПрес.

По иницијативата во 2010 година, Сојузната австралиска влада го одобри проектот за рудник во Кармајкл, Квинсленд во јули 2014 година. Но, одобрението за рудникот и неговата изградба беа одложени поради кампањите што ги водеа сопствениците на околното земјишта и еколозите, кои вклучуваа и ненасилни протести на самото градилиште.

Во 2016 година, група сопственици на имотот во регионот покренаа случај пред Врховниот суд против давањето концесија, со образложение дека тие не биле соодветно консултирани. Но, судот не пресуди во нивна корист, а истата одлука беше потврдена и по поднесената жалба. Во 2019-тата година, еко-активистот Боб Браун предводеше дотогаш најголем конвој возила на протест против иницијативата за рудник за јаглен, а темата се отвори и за време на австралиските федерални избори во 2019 година. Од друга страна, голем број рудари и невработени лица бараа рудникот што поскоро да почне со работа. Тие истакнаа дека регионот треба економски да се развива, а тезите на, како што ги нарекоа, лоби групите што ги поддржуваат противниците, се неосновани.

Откако и судските власти, но и извршната власт повторија дека се исполнети сите законски услови, изградбата на рудникот почна во почетокот на 2019 година, а ископувањето јаглен во комерцијален обем почна приближно три години подоцна. На 29 декември 2021 година беше објавено дека првата пратка јаглен од рудникот Кармајкл е подготвена за извоз.

Рудникот е со отворен коп на површина од 279 км2, а вкупната површина на локацијата на рудникот е околу 450 км2. Само за изградбата на рудникот, компанијата ангажирала околу 2.000 вработени, согласно податоците во ноември 2020 година, а бројката пораснала на приближно 2.600 директни вработувања во јуни 2021 година. Рудникот креира и околу четири илјади индиректни вработувања.

Македонија може да напредува само со комплетна индустријализација и така да ја сопре сопствената економска пропаст, оценува во колумната насловена „Обединети гробари – против ЕУ и НАТО“, металуршкиот инженер Виктор Грозданов.

По најновите правни пречки со кои се соочи инвестицијата во рудникот за бакар Иловица-Штука дел од локалното население во југоистокот, под иницијативата „И здравје и работа“ почна да прашува кому му пречи проектот. Според нив, рудникот за бакар би имал големо економско значење за регионот и ќе го поддржат доколку се испочитуваат сите светски стандарди. Тие сега единствено ги гледаат придобивките од инвестицијата, особено откако во Собранието во 2019 година беа усвоени законските измени во Законот за минерални суровини, со кои се забранува употребата на штетни супстанции во новоотворените рудници.