Вонредното собрание на Фершпед ќе се одржи на 10 јануари, 2014 година и тогаш ќе се знае судбината на компанијата и дали ќе има одредени промени во структурата на менаџментот. Според соопштението на Македонска берза, меѓу другите предлог-одлуки е и онаа за отповикување на членовите на Надзорниот одбор, Штерјо Наков, Кираца Трајковска, Стојан Настовски, Виолета Татабитовска, Невенка Ристовска и Леонид Наков.
На 28 ноември 2013, беше поднесено барање за свикување на вонредно собрание од страна на акционерот Кираца Трајковска, како сопственик на повеќе од 10 отсто акции со право на глас, а согласно чл.385 од Законот за трговските друштва.
„Бидејќи во барањето за свикување на вонредно собрание на акционери беше поставена и точка на дневен ред која ја преиспитува успешноста на работењето, истата се поставува како тема за собранието на акционери, како единствено надлежно, за поединечно расправање и одлучување за сите членови на Надзорниот одбор, и евентуално отповикувањето на член/ови на Надзорниот одбор,“ се вели во соопштението на Берза.
Пред некој ден беа продадени голем пакет на акции на Фершпед преку три системски блок трансакции на Македонската берза на хартии од вредност.Преку овие трансакции на берзата беа продадени вкупно 209 акции, по цена од 122 илјади денари. Купувачот на овие акции платил 415 илјади евра.
Овие блок трансакции всушност значат дека акциите се продаваат на однапред познат купувач и по однапред договорена цена.Но, паралелно со овие блок трансакции на Берзата поминаа и 35 акции при едовно тргување и тоа за цена од 124.933 денари за акција. Биле платени 71 илјада евра.
Енормниот раст на цената на акциите, која повеќекратно се зголеми изминативе две недели, како и последните трансакции, можеби навестуваат дека во Фершпед се „готви“ нова сопственичка структура.