Судење за „Траекторија“: Вешто лице тврди дека се направени некои грешки во вештачењето

Со вкрстено испрашување на вешто лице, во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот „Траекторија”, кој се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Вештото лице, кое правело вештачење на патот Кичево-Охрид, на прашање на бранителката на обвинетите рече дека во вештачењето фалат некои делови, кои според него од технички причини не се впишани.

– Сме направиле некои грешки во вештачењето и не можам да кажам дека целосно е точно она што е напишано, бидејќи работевме во ексел и најверојатно не сме го сочувале документот, одговори вештото лице.

Тој рече дека во моментов му е поминат рокот на важност на лиценцата и не се наоѓа во регистарот на лиценцирани вештаци.

На прашање на одбраната на обвинетите, вештакот истакна дека договорот меѓу Синохидро и ЈПДП е според прописите на „Црвената книга“, која содржи стандарди за потпишување договори.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Горан Бошевски, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова.

Случајот се води против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и ексдиректорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Временската разлика од шест години од стореното кривично дело, а без правосилна пресуда во Судот, го спаси од кривичен прогон поранешниот премиер Никола Груевски во предметот. Судечкиот совет, по барање од адвокатот по службена должност што му беше одреден на Груевски, на кого му се суди во отсуство, констатирал застареност на случајот поради истекот на шест години од стореното дело, а без правосилна пресуда.

Според обвинението, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.