Судењето против новинарот Драган Павловиќ Латас и инфлуенсерот Стефан Лазаров, обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, се одложи за 19 јуни, откако одбраната побара да им се достават во целост доказите со кои располага Обвинителството со цел да можат да ја комплетираат одбраната.
Првообвинетиот Латас посочи дека сака транскрипт на содржината од цедињата кои се докази во предметната постапка на што претставниците од Обвинителството рекоа дека обвинетите имале доволно простор да ги побараат сите потребни докази од нив, но дека немаат ништо против нивното барање, во однос на побараниот транскрипт, иако истакнаа дека нема потреба од тоа, додека за доказите кои се однесуваат на документирање на Јутјуб каналот на Лазаров и неговиот профил на Фејсбук обвинителот посочи дека истите не содржат говорен материјал.
Првообвинетиот побара да се приложи целата емисија која е предмет на обвинение со цел да не биде извадена од контекст.
-Целата емисија може да даде заклучок, а не само изваден контекст од една минута и тоа коментиран како своја лична проценка, како смеа, рече Латас.
Одбраната остана на ставот да им се достават сите потребни докази за да можат да ја комплетираат одбраната.
Случајот го води судијката Диана Груевска Илиевска, која рече дека одбраната имала доволно време да ги побара сите докази кои им се потрени, но за да не се повреди правото на одбрана, рочиштето ќе биде одложено.
Според обвинението, двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жените, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
На Латас, Кривичниот суд му одреди превентивна мерка заради присуство, односно привремено одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, додека на Лазаров му одреди забрана за јавен настап.