Не се чувствувам виновен, тоа ќе го кажам во судот со докази – порача Флорин Бесими, ексдиректорот на тетовската болница, кој беше единствениот кој се појави на денешното рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово, во која загинаа 14 лица. Судијата Јордан Велковски беше принуден да го одложи судењето за 14 октомври, откако на денешното рочиште не се појавија другите обвинети во случајот – дежурниот доктор на смена Бобан Вучевски и тогашнот економски директор во тетовската болница, Артан Етеми, кој отсуствуваше поради работни обврски.
„Се што имам да кажам за овој судски процес за трагичниот случај ќе го кажам тоа пред судот. Ве молам вие како медиуми и јавноста да го следи овој процес. Бидејќи јас сум убеден дека судскиот систем ќе ја докаже вистината. Затоа сум тука денеска да ја кажеме вистината, јас сакам истото да се обелодени што побргу и да се дознае вистината за овој случај.“ – Флорин Бесими, ексдиректор на тетовската болница.
Судијата Јордан Велковски рече дека до следното рочиште сите обвинети ќе можат да си направат и увид во доказите, за да нема нови одлагања. До судење дојде откако на 27 јули Обвинителството поднесе обвинителен предмет од Основен суд Тетово. Со тој предлог ОЈО Тетово ги обвини двајцата директори на Клиничка болница, Бесими и Етеми – за тешки кривични дела против општата сигурност, како и докторот на смена, Бобан Вучевски – за непостапување според здравствени прописи за време на пандемија. Правното лице пак, Клиничката Болница Тетово се гони за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на пандемија.
Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа правени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители Германија. Конечниот извештај на Обвинителството покажа дека трагичниот чин се случил кога лекарски тим започнал реанимација на пациентка болна од ковид-19, при што се случил краток спој на продолжен кабел. Покрај 14-те жртви, уште 14 лица беа спасени од болницата пред таа целосно да изгори.