Главната расправа за предметот „Тендери“, закажана за четвртокот, е одложена до назначувањето на нов судија поротник, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
„Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека по добиено известување од Судскиот совет за разрешување на судија – поротник, главната расправа за предметот со КОК бр. 64/17 од обвинителството означен како „Тендери“, насроечно за денеска, се одлага се до назначување на нов судија – поротник. За новите термини за продолжување со главната расправа, јавноста и странките ќе бидат дополнително известени“, информираат од Основен кривичен суд Скопје.
Судскиот совет на вчерашната 378 седница донесе одлука за престанок на двајца судии поротници од Основен кривичен суд Скопје: Митко Сандев и Зенел Елези, поради навршени 60 години возраст.
Последното рочиште за случајот, кое се одржа на 13 јули и на кое беше најавено дека обвинителството и одбраната ќе почнат со своите завршни зборови, беше одложено поради отсуството на второобвинетата Јулијана Угриновска, од здравствени причини.
Првообвинета во случајот „Тендери” e поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска-Милевска. Според обвинението поднесено од пораншното СЈО, во временскиот период од јуни 2011 година до 05.08.2011 година, во Скопје, првообвинетата Е.К.М. како службено лице министер и вработените во Министерството – службените лица второобвинетата Л.Л.Ц. како член на Комисија за јавни набавки и третообвинетата Ј.У. како претседател на Комисијата за јавни набавки, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за економскиот оператор ГТД Б. Ш. АД Ш. корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи на објектот Музеј на македонската борба за државност и самостојност – „Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим” во Скопје.
Судењето за овој случај го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Стевчо Донев.