Судењето за случајот „ТНТ“ повторно се одложи поради здравствената состојба на обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски.
Претходно судечкиот совет одлучи да го одбие предлогот на обвинителот Бурим Рустеми за раздвојување на постапката за Трајковски. Рустеми рече дека Трајковски сам кажал оти не може да ги следи рочиштата, повикувајќи се на медицинска документација.
Денеска во судницата Трајковски побара да се одложи рочиштето и приложи документ од доктор во кој пишувало дека тој не можел да следи судења.
Во предметот „ТНТ“ кој се однесува на уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски, се обвинети и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот премиер Никола Груевски.
Првото рочиште за „ТНТ“ се одржа на 24 јануари 2018 година, но поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет процесот се врати од почеток.