Судењето за убиствата на Вања и Панче се одложи

Судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кое денеска требаше да започне во 10 часот, одложено е за 20 септември, бидејќи Кривичниот суд до вчера ги немаше споено обвиненијата против првообвинетиот Љупчо Палески-Палчо и четворицата соучесници, а тоа го стори токму денеска.

Обвинителството инсистираше на спојување на двете обвиненија поради нивната врска со истиот кривичен настан.

Во Судот денеска беше спроведен Сашо Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања Ѓорчевска, кој е исто така меѓу обвинетите, но тој веќе некое време е во домашен притвор.

Спроведени беа и обвинетите Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски, кои се товарат за учество во злосторствата. Единствено не беше спроведен првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, поради тоа што обвиненијата не беа споени.

Сите обвинети беа уапсени во декември минатата година, откако полицијата ги поврза со убиството на Жежовски, а подоцна и со убиството на Ѓорчевска.

Љупчо Палески не беше уапсен во земјава бидејќи преку Белград успеа да избега во Турција.

Тој на 5 декември 2023 година беше уапсен во Турција, а екстрадиран во земјава на 15 мај годинава.