Судењето за убиството на Вања и Панче започнува на 4 септември

Основниот кривичен суд Скопје за 4 септември во 10 часот ја закажа главната расправа за судењето против четворицата обвинети во случајот со грабнувањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Основниот кривичен суд Скопје претходно го одложи почетокот на судењето против четворицата обвинети, кое требаше да биде денеска.

„Главната расправа за предметот со К.бр.1339/24 поврзан со двојното убиство на малолетната
В.Ѓ. и велешанецот П.Ж., во согласност со странките е насрочена за 04.09.2024 година во 10 часот во судница 1“,се вели во соопштението од Основниот кривичен суд.

Одложувањето дојде откако од републичкото Јавно обвинителство соопштија дека е завршена истрагата против првоосомничениот во случајот, Љупчо Палевски-Палчо, и дека надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ќе бара спојување на овој предмет со обвинението што ОЈО Скопје веќе го поднесе против преостанатите четворица обвинети.

Од Основниот кривичен суд рекоа дека по добиениот предлог на Обвинителството ги отповикале наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат притвор и куќен притвор.

Инаку, како што соопштија од Јавното обвинителство, по завршувањето на истрагата против Палевски тече рокот предвиден за неговата одбрана да изврши увид во доказите.

Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Неодамна беше завршена и истрагата за Љупчо Палевски, првоосомничен за двојното грабнување и свирепо убиство, како и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено. 

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.