Репрезентацијата на Панама играше со фудбалер помалку уште од 24-та минута, но сепак тие го отворија резултатот преку Торес во 56-та минута од натпреварот.
Оваа селекција беше на прагот на сензација се додека во самиот финиш на сцена не стапи судијата, кој досуди контроверзен пенал. Следеа бурни протести, Панама десет минути не сакаше да се врати на теренот, а кога мечот конечно продолжи, Гуардадо од белата точка биеше прецизно и го одведе дуелот во продолженија.
И во продолженијата, нов пенал за Мексико, повторно контроверзен, по што на фудбалерите на Панама им „пукна филмот“, па почнаа да го бркаат судијата за физички да се пресметаат со него. Редарските служби интервенираа и спасија уште поголем инцидент, но останува дамката што чудните судиски одлуки ја фрлија врз ова натпреварување.
Јамајка дојде до првото финале на првенството на Северна и Централна Америка откако со 2:1 го совлада големиот фаворит САД.
Матокс и Барнс во 30-та односно 35-та минута донесоа убедливо водство за Јамајка, а до крајот Бредли само го ублажи поразот со голд во 47-та минута, што не беше доволно да се избегне елиминацијата.