![al aksa erualim](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/al-aksa-erualim.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Израелските безбедносни сили се судрија и во четвртокот со Палестинците, втора ноќ со ред кај џамијата Ал Акса во Ерусалим, известуваат тамошните медиуми.
Судирите се одржуваат во периодот на двата големи верски празника, светиот месец за муслиманите рамазан и еврејската Пасха.
Џамијата се наоѓа на чувствителен комплекс на врвот на ридот, свет и за Евреите и за муслиманите. Ал-Акса е третото најсвето место во исламот и обично е преполно со верници за време на рамазан, a Евреите сметаат дека на тоа место се наоѓал древниот храм. Местото муслиманите го нарекуваат Платото на џамијата а Евреите – Ридот на храмот. Муслиманите во текот на рамазан доаѓаат на молитви во Ал Акса, додека Евреите традиционално прават аџилак во Ерусалим во пресрет на Пасха. Местото е под палестинска управа, додека Израел е одговорен за безбедноста,
Група млади Палестинци во средата ноќта запалиле пиротехнички средства и фрлале камења врз израелската полиција, обидувајќи се да се забарикадираат во Ал Акса. Полицијата соопшти дека младите луѓе се обидувале да ги спречат верниците да излезат од џамијата.
Претходната ноќ во судирите на истата локација во Стариот град во Ерусалим, повредени се неколку лица, а полицијата соопшти дека привела 350 луѓе.
Израелската полиција објави видео инсерт во траење од педесетина секунди во кој се гледа експлозија во храмот, веројатно од пиротехничките средства и се забележуваат силуети кои фрлаат камења.
На друга полициска снимка се гледа како интервентната полиција влегува во џамијата заштитувајќи се со штитовите од петардите. Полицијата е обвинета дека користела палки, солзавец и гумени куршуми за да го расчисти патот и да ја евакуира џамијата. Од Црвената полумесечина објавија дека се повредени околу 40 Палестинци.
Екстремното исламистичко движење Хамас, кое ја контролира палестинската енклава Појасот Газа, истрелало неколку ракети врз територијата на Израел. Израелската војска одговорила со напади врз неколку цели во оваа крајбрежна енклава.
Kомплексот на џамијата Ал Акса, третото по важност свето за муслиманите кое го нарекуваат Платото на џамијата а Евреите Ридот на храмот во ерусалимскиот Стар град. Кралството Јордан со мировниот договор со Израел од 1994 година доби дозвола да се грижи за муслиманските свети места на Ридот на храмот во Ерусалим. Овој простор е сцена на големи тензии откако израелските власти во август 2015 година наметнаа ограничување за влез на палестинските верници во комплексот на џамијата ал-Акса, по инцидент кога милитантни се сокрија во него. Палестинците, пак, стравуваат дека ултраортодоксните Израелци ќе го обноват древниот еврејски храм.
Платото на џамијата Ал Акса во источен Ерусалим, место коешто Евреите го почитуваат како место и остаток од нивните два древни храма и го нарекуваат Ридот на храмовите, е жариште на израелско-палестинските конфронтации. Со децени статус-квото се одржува така што Израел им овозможува на Евреите и јудаистите да го посетат местото под услов да не одржуваат таму верски обреди.