Судот ја блокираше продажбата на руското работење на австриската Raiffeisen Bank International

Руски суд ги замрзна акциите на локалната филијала на Raiffeisen Bank International (RBI), објави во четвртокот најголемата западна банка во Русија, што практично ја блокираше продажбата на руската единица на австриската банка и како последица на тоа доведе до ескалација на судирот меѓу Москва и Запад.

Австриската RBI вети дека ќе ги прекине своите операции во Русија, кои обезбедуваат излез за стотици компании од западот и руски за странски плаќања, откако беа под притисок од меѓународните регулатори. Но, по повеќе од две години војна меѓу Русија и Украина, малку нешта се променија.

Портпаролот на RBI изјави дека потегот на рускиот суд ја отфрлил продажбата на руските операции на банката, но додаде дека тоа нема да има влијание врз нивното работење во Русија или врз напорите што ги бара Европската централна банка (ECB) за намалување на тие операции.
„И натаму можеме да ја именуваме управата и да им даваме упатства на Русите, но не можеме да ја продадеме банката“, соопшти RBI.

RBI ќе се обиде да ја поништи одлуката на судот, се вели во соопштението на банката, што резултираше со најголемото замрзнување на средствата на една западна банка во Русија. Иако италијанската UniCredit има операции и во Русија и, исто така, е под притисок да ја напушти земјата, RBI е далеку поголема и стана тест за решеноста на Западот да ги прекине врските со Русија.

Руските власти јасно ѝ ставија до знаење на RBI, која има околу 2.600 корпоративни клиенти, 4 милиони локални сопственици на сметки и 10.000 вработени во Русија, дека сакаат таа да остане бидејќи овозможува меѓународни плаќања, изјавил неименуван извор за Reuters. RBI претставува клучен финансиски спас за милиони руски клиенти кои сакаат да испратат евра или долари во странство. Западните регулатори сакаат тоа да се промени. Европската централна банка (ECB) бара банката да го прекине работењето во Русија.

Со големи индустриски холдинзи и повеќе од 18 милиони клиенти од Виена до Москва и 44.000 вработени Raiffeisen Bank International е финансискиот столб за Австрија и поголемиот дел од источна Европа. Русија стана уште поголем извор на заработка за банката од почетокот на војната во Украина во 2022 година, при што руското раотење сочинува околу половина од профитот на групацијата во првите три месеца од годината, бидејќи се зголемија надоместоците за плаќањата во странство.