Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје беше објавена пресудата со која се ослободуваат од обвинение новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ од порталот „А1он“.
Оваа пресуда следи по претходно доставената приватна тужба на пратеникот и лидер на политичката партија „Левица“ Димитар Апасиев кој ги тужеше новинарите за „неовластено објавување на лични записи“ според член 148 од Кривичниот закон.
„На постапката која траеше речиси една година тужителот не се појави лично ниту еднаш на рочиште а новинарите повеќе пати беа присутни на рочишта во судот каде ја застапуваа својата одбрана. По објавата на пресудата, колешката Мери Јордановска изјави: „Државните функционери мора да сфатат дека функцијата ја вршат 24/7 и се поподложни на јавна критика, без разлика дали одговораат на електронска пошта, смс порака, службен или приватен телефон. И кога ние како новинари ги бараме, ги бараме во име на јавноста, за работи кои се од јавен интерес, па оттаму не смее да се воспоставува практика на воведување страв и цензура“, велат од Здружението на новинарите на Македонија.
Од ЗНМ додаваат дека со оваа пресуда се потврдува ставот на новинарите дека не станува збор за објава на личен запис туку за информација која е од јавен интерес како и тоа дека новинарските прашања кон Апасиев, во дадениов случај, се легитимни и вредни за вниманието на јавноста.
„Во одбраната на новинарите се истакнува праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) според која границите на јавна критика се пошироки за носителите на јавни функции отколку за приватни лица и тие потребно е да имаат поголем праг на критика“, велат од ЗНМ.