За фалсификувањето пасоши, паднаа првите пресуди. Пет од обвинетите кои биле дел од групата која изработила 215 пасоши со лажни идентитети, признаа вина. Четворица од нив добија затворски казни. Еден доби условна казна:
Ален Личина 2 години и 3 месеци
Раиф Мифтари 2 години и 3 месеци
Ѓорѓи Велков 2 години
Фарук Виља условна казна од шест месеци“
Максималната затворска казна пропишана за злоупотреба на службената положба беше три години. Освен Мифтари кој не е дел од МВР, останатите четворица службеници добија забрана за вршење на професија во следните 10 години. Пред да ја слушнат пресудата, обвинетите рекоа дека жалат што сториле кривично дело.
„Обвинетите со цел за себе да прибават материјална корист, изработувале лажни патни исправи со претходно креирање на двојни идентитети, користејќи идентитети на лица кои немаат право или никогаш не побарале или не се стекнале со македонска патна исправа. Ваквото постапување довело до загрижувачки последици, односно издавање на патни исправи на лица со криминално досие и лица кои биле барани со меѓународни потерници“, рече судијката Оља Ристова.
За издавањето лажни пасоши, обвинети беа вкупно 11 лица. Пет се веќе осудени. Една од обвинетите денеска не се појави во судница поради болест, но нејзиниот адвокат извести дека и таа признава вина. Останува да им се суди на пет лица кои одлучија да докажат дека се невини. За нив процесот продолжува задутре. Акцијата „Двојник“ МВР ја спроведе минатиот месец и уапси 10 службеници во МВР и еден посредник. Ден пред полицијата да уапси колеги од своите редови, ВМРО – ДПМНЕ под кодно име „Мафија“ објави дека криминалци од регионот добиле македонски пасоши. Проценките на полицијата се дека еден пасош, криминалците го плаќале и до 20 илјади евра.