Судијата во американската сојузна држава Ново Мексико во петокот ги отфрли обвиненијата за убиство од небрежност против актерот и продуцент Алек Болдвин, согласувајќи се со одбраната дека обвинителите и полицијата задржаа докази за изворот на куршумот што ја уби на сетот снимателката на филмот „Rust“ Халина Хачинс во 2021 година.
Три дена по судењето на Болдвин во Ново Мексико, судијката Мери Марлоу Сомер пресуди откако ги сослуша доказите за барањето на одбраната дадено претходно во петокот.
По пресудата, Болдвин ја прегрнал сопругата Хиларија Болдвин која била на судењето, а неговата сестра Елизабет Кехлер била облеана во солзи. Болдвин потоа ја напуштил судницата без да разговара со новинарите, пренесува Reuters.
Адвокатскиот тим на актерот рече дека канцеларијата на шерифот во Санта Фе ги земала куршумите како докази во случајот, но не ги навела во истражното досие „Rust“ ниту, пак, ѝ го открила нивното постоење на одбраната.
Тие, исто така, тврдеа дека тие куршуми се доказ дека куршумот што ја убил Хачинс потекнува од Сет Кени, снабдувач со реквизити за филмскиот сет. Кени негираше дека ја доставил боевата муниција и не е обвинет во случајот.
„Задржувањето на доказите беше намерно и со предумисла“, рече Сомер во објаснувањето на нејзината одлука. Ерлинда Џонсон, една од државните обвинители за случајот, поднесе оставка претходно во петокот.
„Немав намера да го доведам судот во заблуда“, рече главниот државен обвинител Кари Морисеј кога беше повикана да сведочи.
Обвинителите тврдеа дека Болдвин одиграл улога во смртта на Халин Хачинс бидејќи неодговорно ракувал со пиштолот.
Неговите адвокати тврдеа дека Болдвин бил разочаран од одговорните за безбедноста на сетот, додека органите на редот биле позаинтересирани да го гонат Болдвин отколку да го најдат изворот на вистинскиот куршум што ја убил Хачинс.
Во март, 27-годишната Хана Гутиерез, која била задолжена за пиштолите за вестерн „Rust“, беше осудена на 18 месеци затвор за убиство од небрежност затоа што по грешка ставила „жив“ куршум во револверот користен од Болдвин на сетот во Санта Фе.