За 19 јуни Основниот суд го одложи судењето за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој им се суди на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски и на уште седум вработени од УБК.
Причина за одложувањето на постапката беше екстрадицијата на обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошкоски која е во фаза на одлучување во Врховниот суд на Грција, во Атина и конечната одлука за нив треба да биде објавена на 18 мај. Судијката Џанета Бектовиќ рече дека судот одлучил оти најцелисходно е да се причека одлуката за двајцата обвинети од Грција од која ќе зависи текот на судењето.
Претходно обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов предложи да се раздвои постапката за обвинетите Грујевски и Бошкоски.
Сметаме дека постојат особено важни причини да се раздвои постапката пред сѐ интересот на јавноста, кој предизвика длабока општествена и политичка криза, дотолку повеќе што неколку пати беше одложуван почетокот на процесот од истите причини, рече обвинителот Пеливанов.
Адвокатот Петар Василев реагираше дека не постојат законски основи да се раздвои постапката во случај кога обвинетите се во екстрадиционен притвор и постапката на одлучување е во завршна фаза. Судијката Бектовиќ рече дека одлуката за раздвојување на постапката ќе биде соопштена на следното рочиште по донесување на одлуката за екстрадиција.