Судот на ОН: Израелската окупација на палестинските територии е нелегална и мора да престане

Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) објави во петокот во необврзувачко советодавно мислење дека континуираното присуство на Израел на окупираните палестински територии е незаконско и треба да престане „што е можно поскоро“.

Одлуката на таканаречениот Светски суд не е обврзувачка, меѓутоа е значајна бидејќи има авторитет на меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел.

Највисокиот суд на Обединетите нации соопшти дека израелските доселечнички населби, кои се изградени на окупираните палестински територии, по војната од 1967 година, се нелегални.

„Израелските населби на Западниот брег и Источен Ерусалим, како и режимот поврзан со нив, се воспоставени и одржувани со кршење на меѓународното право“, рече претседателот Наваф Салам, повикувајќи се на заклучоците на светот кој го сочинуваат 15 судии.

Во мислењето се наведува и дека Израел мора да им надомести на Палестинците за штетата предизвикана од окупацијата на палестинските територии и дека Советот за безбедност на ОН, Генералното собрание на ОН и сите земји-членки на ОН имаат обврска да не ја признаат окупацијата како легална и не смеат да го поддржуваат нејзиното продолжување.

Случајот произлегува од барањето на Генералното собрание на ОН од 2022 година, кое му претходеше на сегашниот конфликт меѓу Израел и Хамас. Собранието на ОН побара од судот да ги оцени правните последици од израелската „продолжена окупација, процес на населување и анексија“ на палестинските територии, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, како и поврзаните политики на израелската влада.

Во војната во 1967 година, Израел го окупираше Западниот брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим, области на историската Палестина кои Палестинците ги сакаат како составен дел од нивната држава, а предвидена и со документите на светската организација од 1948 година за воспоставување на Државата Израел. Од 1967 година, Израел континуирано гради населби на Западниот брег и постојано ги проширува, како и на окупираната сириска територија Голанската висорамнина.

Израелските челници тврдат дека овие области не се легално окупирани, бидејќи се на спорна територија, но Обединетите нации и голем дел од меѓународната заедница ги сметаат за територија окупирана од Израел. Во февруари, повеќе од 50 земји ги презентираа своите ставови за ова прашање пред судот, а палестинските претставници побараа од судот да донесе одлука дека Израел мора да се повлече од сите окупирани територии и да ги растури сите нелегално изградени населби.

Израел не учествуваше на сослушувањата, но поднесе писмена изјава во која му порачува на судот дека давањето на какво и да е советодавно мислење „може да биде штетно“ кога станува збор за обидот за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.

Повеќето земји-учеснички побараа од судот да ја прогласи окупацијата за нелегална, додека неколку, вклучително и Канада и Велика Британија, веруваат дека судот треба да одбие да даде советодавно мислење. Најсилниот сојузник на Израел – САД, спротивно од своето однесување во други случаи, сега побара од судот да го ограничи секое советодавно мислење и да не нареди безусловно повлекување на израелските сили од палестинските територии.

Во 2004 година, МСП издаде советодавна одлука дека израелската сепаративна бариера околу поголемиот дел од Западниот брег е „спротивна на меѓународното право“ и дека израелските населби се воспоставени со кршење на меѓународното право. Израел, кој како и САД не ја признава јурисдикцијата на судот, ја отфрли пресудата.