Кривичниот суд во Скопје ги одби барањата на вицепремиерот Бујар Османи, и заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, да го посетат поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК – УЦК) Томор Морина, кој се наоѓа во екстрадициски притвор, пренесува во саботата телвизијата ТВ21.
Според дописот до кој дојде ТВ21, барањето се одбива бидејќи функционерите немаа право да посетуваат притворени лица.
„Во врска со вашето барање од 30.07.2019 година без број, да биде издадена согласност лицето Томор Морина, кое се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје – Скопје, денес да биде посетено од страна на Заменик Претседателот на Владата на Република Северна Македонија д-р Бујар Османи и Заменик Министер за внатрешни работи Агим Нухиу, ве известуваме дека согласно одредбите од чл. 178 од Законот за кривична постапка, лица кои вршат функција Заменик Претседател на Влада на Република Северна Македонија и Заменик Министер за внатрешни работи, не се лица кои може да посетат притвореник“, се вели во известувањето од Судот испратено до Владата.
Претхдоно во саботота беше објавено дека барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК – UCK), Томор Морина, пристигнало во Министерството за правда, и во моментов се преведува. Се очекува материјалот во понеделник да биде доставен до Кривичниот суд, јави порталот Б92 повикувајќи се на изјава од министерката за правда, Рената Дескоска.
Кога Србија ќе добие одговор зависи од тоа дали документацијата е комплетна и дали судот ќе побара дополнителни информации. Конечната одлука за Морина ќе ја донесе Министерството за правда.
Морина беше уапсен на граничниот премин Блаце по потерница распишана од Интерпол. Во Србија се товари за злосторства извршени врз цивили во текот на војната од 1998/1999 година. Функционери од албанските партии во земјава отворено се заложија за него и побараа од судските истанци да го ослободат.
Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави во петокот дека не може да верува оти Македонија нема да го екстрадира Морина, бидејќи тоа би било непочитување на меѓународното право. Стефановиќ оцени дека загрижува тоа што „претставниците на приштинските власти тврдат дека тоа нема да се случи“ што, како што кажа „упатува дека се во дослух со органите на Македонија“. Додаде дека не може да замисли дека „Македонија, себеси тоа ќе си го дозволи
„Премиерот на Македонија, Зоран Заев, рече дека тие ќе го почитуваат меѓународното право, што значи екстрадиција на српските органи. Ако тоа не се случи, ќе видиме што ќе правиме натаму, не сакам да прејудицирам“, изјави Стефановиќ.
Истакна дека „заради ваквите ситуации“ Србија се бори да го спречи Косово да биде примено во Интерпол.
„Ним не им е грижа дали некој се бара за кривично дело и дали таа државата има докази. Нив ги интересира политиката и врз основа на тоа одлучуваат дали ќе екстрадираат некого во одредена држава. Тоа е уште еден аргумент зошто не треба да се дозволи прием на Косово во Интерпол“, рече српскиот министер на полицијата