На Зоран Заев ќе му се суди за поткуп од 200.000 евра. Кривичниот суд преку соопштение објавено на својот веб сајт информираше дека Обвинителниот акт на Обвинителството за организиран криминал и корупција против лидерот на СДСМ е потврден од страна на Советот за оценка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт, објави Пресс 24.
Обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција е потврден од страна на Советот за оценка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт КО.бр.66/15 против осомниченото лице З.З. од Струмица за кривичното дело „Примање поткуп“ од чл.357 ст.5 в.в со чл.357 ст.1 и 2 од КЗ.
По одржано јавно рочиште за оценка на обвинителниот акт на 01.07.2015 година, како и по детална анализа на сите приговори поднесени од страна на одбраната, по ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт, Советот го одобри во целост, додека приговорите на одбраната ги одби како неосновани.
Предметот ќе биде распределен кај судечки судија од Одделението за организаран криминал и корупција, кој треба да го насочи предметот за што јавноста ќе биде дополнително информирана, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.