Судот во Пакистан нареди ослободување на поранешниот премиер Кан

Високиот суд во Пакистан нареди во вторникот ослободување на поранешниот премиер Имран Кан откако ја суспендираше пресуда на понискиот суд за корупција, соопштија неговите адвокати.

Високиот суд во главниот град Исламабад објави дека поранешниот премиер Имран Кан може да биде на слобода откако ќе плати кауција, изјавил за медиумите неговиот адвокат Бабар Аван.

Меѓутоа, не е јасно дали 70-годишната поранешна ѕвезда на крикетот веднаш ќе излезе на слобода, бидејќи се соочува со низа други обвиненија. Адвокатите на Кан поднесоа засебна жалба пред истиот суд во која бараат судиите да им наложат на пакистанските власти да не го апсат по другите тужби.

Неговото последно апсење во мај годинава предизвика насилни безредија, кога приврзаниците на поранешниот премиер иапднаа во воени објекти.

Локалниот суд во Исламабад претходно во август го осуди Кан на три години затвор под обвинение дека присовиел скапи подароци кои биле во сопственост на државата. Како премиер од 2018 до 2022 година ги добил од друг странски државници. Според пакистанскиот закон, подароците примени од други земји мора да им бидат предадени на државните институции.

На Кан, поради споменатата пресуда, му е забрането да се кандидира за која и да е јавна должност во период од пет години, а суспендирањето на пресудата не е гаранција и дека ќе му биде укината оваа забранма, рекол адвокатот Ихсан Ахмед.

Политичката криза го тресе Пакистан, откако на Кан минатата година му беше изгласана недоверба во парламентот. Економијата е во опасност од неможност да ги подмири своите финансиски обврски поради ниската продуктивност влошена од минатогодишните големи поплави.

Мандатот на Кан меѓу 2018 и 2022 година беше поткопан од економскиот пад, а критичарите го обвинуваа за големо ограничување на медиумите и произволни апсења на политичките противници. Меѓутоа, неговата популарност повторно порасна последниот период.

Кан, кому парламентот му изгласа недоверба за што тој ги обвинува САД поради неговото приближување со Кина, на почетокот од ноември минатата година беше ранет од огнено оружје во текот на протестниот марш лани во близина на градот Гуџранвал во централната покраина Пенџаб, во рамките на својот план за протестен марш на главниот град Исламбад за да ги притисне владата да распише предвремени парламентарни избори.