Судот во Руанда го прогласи виновен херојот од филмот „Хотел Руанда“ за терористички напади

Руандскиот суд го прогласи во понеделникот Пол Русесабагина, поранешен управител на хотелот кој во холивудскиот филм за геноцидот од 1994 година беше прикажан како херој, виновен за припадност на група одговорна за терорирстички напади.

„Би требало да бидат прогласени виновни бидејќи биле дел од терористичката група MRCD –FLN“, рече судијката Беатрисе Мукамурензи за 20 обвинити меѓу кои е и Пол Русесабагина.

„Ги напаѓале луѓето во нивните домови или дури во автомобилите на патиштата“, наведе судот во Кигали додавајќи дека Русесабагина обезбедувал финансиска и логистичка поддршка за вооруженото крило на опозициското движење на кое е соосновач.

Вооруженото крило наречено Национален фронт за ослободување (FNL) е обвинето дека е одговорно за смртоносни напади во Руанда во периодот 2018/2019 година, додава судот во документите. Меѓутоа, Русесабагина негира секаква своја вмешаност во напади коишто оваа група ги извела и во кои се убиени девет лица.

Случајот беше следен со големо медиумски внимание откако 67-годишниот Русесабагина беше уапсен минатата 2020 година по доаѓањето од Дубаи, во, како што тој изјави, грабнување организарано од властите на Руанда.

Откако актерот Дон Чидл го прикажа како херој во филмот „Хотел Руанда“ од 2004 година, Русесабагина, кој живее во САД, стана истакнат критичар на руандскиот претседател Пол Кагаме. Ги отфрли сите обвиненија против себе, а неговите приврзаници судењето го нарекоа монтирано и доказ за немилосрдното постапување на Кагаме против политичките противници.

Обвинителите бараа доживотна затворска казна по девет обвиненија, вклучително и за тероризам, подметнување пожар, земање заложници и формирање вооружени бунтовнички групации со кои управувал од странство. По објавата на првостепената пресуда, на еден од обвинетите му се слошиле, што предизвикало куса појава која го одложи изрекувањето на пресудите по другите обвиненија и изрекувањето на казните.

Русесабагина стана светски славна личност по филмот, во кој е прикажано како си го ризикува својот живот да засолни стотици луѓе како управител на луксузен хотел во раундската престолнина Кигали во текот на 100-дневниот геноцид кога етничките екстремисти од племето Хуту убија повеќе од 800.000 луѓе, главно од малцинската заедница Тутси.

Чидл за оваа улога беше номиниран за Оскар. Русесабагина ја искористи својата слава за да го истакне она што го опишува како кршење на правата кои ги сторила владата на Кагаме. Инаку Кагаме беше командант на побунетите Тутси, кој ја преземе власта откако неговите сили го заземаа Кигали и го запреа геноцидот.

Судењето на Русесабагина започна во февруари, шест месеци откако со лет од Дубаи пристигна во Кигали. Неговите приврзаници сѐ уште тврдат дека е грабнат. Владата на Руанда, пак, наведуваше дека на измама се качил во приватен авион.

Меѓународната организација за заштита на човековите права Human Rights Watch тогаш објави дека неговото апсење претставувало присилно исчезнување, што го нарече сериозно кршење на меѓународното право.

САД, кои во 2005 година му го доделија Претседателскиот медал за слобода, Европскиот парламент и Белгија, изразија загриженост поради околностите на апсењето и правичноста на судењето.