Американскиот Врховен суд ја отфрли тужбата против домашните филијали на кондиторските компании „Nestlé“ и „Cargill“ поради робовски детски труд на плантажи во Африка, истакнувајќи дека сепак американските компании може да бидат повикани на одговорност поради кршење на човековите права во странство.
Тужбата е поднесена во името на шестмина мажи од Мали, коишто како деца биле прокриумчарени во Брегот на слоновата коска поради принудна работа на плантажи со какао.
Компаниите, според нив, ја поддржувале трговијата со робови за да осигураат ниски цени на какаото на светските берзи. Во тужбата навеле дека биле принудени да работат по 12 до 14 часови дневно и дека преку ноќта ги чувале вооружени стражари за да не побегнат. Платата одвај ги покривала нивните трошоци за храна.
Компаниите го осудиле детскиот робовски труд, но истакнаа дека обвинението би требало да биде подигнато против трговците со луѓе и земјоделците кои работниците ги држат во такви услови.
Американскиот Врховен суд ја отфрлил тужбата со осум гласови „за“ и еден „против“, истакнувајќи дека таа не може да се темели на законот од XVIII век, според кој странците во одредени случаи може да бараат отштета на американските судови, но за прекршоци сторени на територијата на САД. Тужителите биле принудени на робовска работа надвор од САД, истакна судот.
Судот во објавената пресуда наведува дека судијата Кларенс Томас напишал дека иако „Nestlé USA“ и „Cargill“ на плантажите за какао им обезбедувале технички и финансиски ресурси, нема докази дека тужителите биле принудени на работа поради деловните одлуки донесени во САД.
Судиите, сепак, дефинитивно не одлучиле дека проив американските компании не може да се подигнува тужба поради залоупотреби на работна сила во синџирите за снабдување во странство.
На пресудата разочарано реагираа активистите кои поради овие обвинување со години се борат против произведувачите на чоколада.
„Одлуките ги носеле врз основа на деловните пресметки, деловните планови, аспектите на работењето, и сето тоа од САД“, изјави директорот на Меѓународните поборници за човекови права, Тери Колингсворт.
Тој најави нова тужба, тврдејќи дека многу одлуки коишто „Nestlé“ и „Cargill“ ги донеле во САД отвориле пат за искористување на децата во Брегот на слоновата коска.
Од „Nestlé USA“ во официјално соопштение истакнаа дека никогаш не користеле детски труд и дека и натаму „непоколебливо“ ќе се борат против детскиот труд во индустријата на какаото.
Околу 70 отсто од светските резерви на какао се произведуваат во западна Африка, а најголемиот дел од тоа се извезува во САД. Американското министерство за труд процени во извештајот објавен минатата 2020 година дека на плантажите со какао во Брегот на слоновата коска и во Гана работат околу 1,56 милиони деца.