Судот во Стразбур пресуди во корист на Спиро Ристовски – неосновано бил држен во притвор за „27 април“

Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) донесе пресуда во која донесе пресуда според која на поранешниот министер за образование и за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор за случајот „27 април“.

Државата ќе треба да му плати оштета од вкупно 2.250 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата.

Судот утврдил дека недостигаат релевантни и доволни причини на неговото лишување од слобода и ненавремено биле разгледувани жалбите коишто се поднесувани за притворите, што е прекршување на член 5 ставови 1, 3 и 4 од Конвенцијата.

„Од 30 јули 2019 година до 21 август 2020 година (периодот релевантен за случајот пред Судот) на Спиро Ристовски 14 пати му бил продолжен куќниот притвор, поради ризикот од негово бегство. Писмените поднесоци на обвинителот како одговор на жалбите на Ристовски против 13 од налозите за продолжување не беа доставени до жалителот. Одлуките на Апелациониот суд со кои се отфрлаат жалбите на вториот жалител против наредбите за продолжување од 25 декември 2019 и 23 јули 2020 година, му биле доставени на 6 февруари и 25 август 2020 година соодветно. Во април 2023 година – како што објавија медиумите – апелациониот суд ја укина пресудата на Ристовски и го врати предметот на повторно разгледување. Тој се жалел според членовите 5, 3 и 4 од Конвенцијата на недоволни причини и одложено преиспитување на неговиот домашен притвор, како и на неиспраќање копија од писмените поднесоци на обвинителот“, наведено е во пресудата.

Освен за Ристовски, кој поминал 21 месец во притвор, идентична пресуда поради неоправдано продолжување на притворот има и за Митко Пешов, раководителот на одделот за посебни единици во полицијата, кој за „крвавиот четврток“ беше осуден со казна затвор од 15 години.

Во ноември минатата година Судот во Стразбур слична пресуда донесе и за поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кому неоправдано му бил продолжуван домашниот притвор во два судски случаи – за „27 април“ и „Шпанските скали“. Државата и нему ќе треба да му плати оштета од 3.900 евра, во рок од три месеци од правосилноста на пресудата, како и 2.200 евра за трошоци и расходи.