Специјалниот апелациски суд во Тирана го одби барањето на лидерот на побројната фракција на опозициската Демократска партија и поранешен премиер Сали Бериша да учествува на пленарните седници.
Бериша побара да може да го напушти домот, каде што е во „куќен притвор“, за да присуствува како пратеник на седниците на Собранието, но попладнево судот објави дека барањето е одбиено.
Неговиот адвокат Генц Ѓокутај рече дека со оваа одлука се „докажало кршењето на Уставот“ и оти се сѐ „случува по налог на премиерот Еди Рама”.
Бериша, од 30 декември минатата гидина е во куќен притвор, обвинет за пасивна корупција во соработка, со приватизацијата на поранешниот спортски комплекс „Партизан”.
Во овој случај осомничен е и неговиот зет за ќерка, кој заработил милионски суми со изградба на станбени објекти откако истото го добил со поддршка на Бериша, како премиер.
Доколку не присуствува на ниту една седница во период од шест месеци, на Бериша му престанува пратеничкиот мандат. Бидејќи нема право да го напушти домот тој секоја вечер им се обраќа на неговите приврзаници од прозорец, што се пренесува на неговата Фејсбук страна.
Од мај 2021 година тој е на списокот на непожелни на САД, а од јуни следната година и на Велика Британија.