Завојуваните страни во северниот етиопски регион Тиграј се согласиле да ги прекинат непријателствата, што се смета за голем исчекор по две години војна во којашто се убиени илјадници луѓе , раселени се милиони а стотици илјади се соочуваат со глад.
Посредникот на Африканската унија, Олусегун Обасанџо, ги поздрави владините и претставниците на тиграјските сили на свеченоста на потпишувањето во средата во јужноафриканската престолнина Преторија, велејќи дека договорот ќе овозможи продолжување на хуманитарната помош за населението во Тиграј.
Мировните преговори официјално започнаа во Преторија на 25-ти октомври. Обасанџо, поранешен нигериски претседател кој го предводи посредничкиот тим на Африканската унија, изјави дека примената на договорот ќе го надгледува панел на Унијата на високо ниво. Го пофали процесот како „африкански решение на африкански проблем“.
Претставникот на етиопската влада Редван Хусиен, кој е советник за национална безбедност на премиерот Абиј Ахмед, изјави дека двете страни треба да го почитуваат правилата и духот на договорот.
Тиграјскиот претставник Геташев Реда, зборуваше за многу загинувања и уништувања од големи размери во регионот и рече оти се надева и очекува дека двете страни ќе се придржуваат до своите обврски коишто произлегуваат од договорот.
Еритреја и регионалните сили кои се во сојуз со етиопската владина војска на учествуваа во преговорите во Јужноафриканската Република и нејасно е засега дали тие ќе се придржуваат на договорот.
Војната започна по жестокиот прекин на односите меѓу Ослободителното движење на народот на Тиграј (TPLF), герилско движење кое се претвори во политичка партија која доминираше во Етиопија 27 години, но го загуби големото влијание кога Абији Ахмед ја презема должноста во 2018 година по долгите антивладини протести. Ахмед е припадник на народот Оромо, добитник на Нобеловата награда за мир пред три години за решавање на деценискиот конфликт во регионот.
Односите со TPLF се влошија откако го обвинија премиерот, кој своевремено беше дел од нивната коалиција, за централизирање на власта на сметка на етиопските регионални сојузни држави, обвинување кое Ахмед го негира. Ескалацијата на тензиите се случи меѓу 2018 и 2020 година, кога Ахмед склучи мировен договор со Еритреја, историскиот непријател на TPLF и одлуката на движењето да му се спротистави со одржување на регионалните избори во Тиграј кои беа одложени во остатокот од земјата, што ги турна двете конфронтирани страни во војна.