Судскиот и Советот на ЈО не биле консултирани за измените на Кривичниот законик

Ниту Судскиот ниту Советот на јавни обвинители не биле консултирани за измените на Кривичниот законик од кои најмногу реакции предизвика намалувањето на казните за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување.

Претседателите на двете тела денеска испратија критики дека судиите и обвинителите требало да бидат консултирани, како и целиот процес да бил потранспарентен.

„Наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, во смисла на тоа дека некако набрзина сето тоа се спроведе без притоа да имаме свое учество односно мислење како Судски совет. Целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка каде ќе се слушнеше и нашето мислење по однос на какви било измени“, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

Во целата оваа состојба, нагласува тој, судиите се сведени на тоа каде се должи да го почитуваат закон таков како што е, но без претходно да се анализираат сите евентуално последици врз основа на аргументирани состојби и на конкретни предмети.

И до Советот на јавни обвинители измените не биле доставени за мислење. Или доцни со достава или не знам како е, важно е дека ние не ги добивме, вели првиот човек на ова тело Антонио Јолевски.

Тој беше повоздржан во коментарите, но вели дека за измените требало да бидат консултирани обвинителите.

„Најдобро би било да одговорат практичарите односно Јавното обвинителство бидејќи тие по хиерархија и субординација се практичарите кои ги работат предметите и најмногу можат да извадат анализа како ќе се одрази врз нивното работење ваквата измена на Кривичниот законик. Мислам дека тие можат со конкретни податоци, со бројки, а ние како Совет немаме надлежност во тој дел односно не постапуваме по конкретни предмети, не вршиме увид во тековните предмети. Затоа, би требало јавниот обвинител да се произнесе дали и колку ќе ги погодат ваквите измени“, изјави Јолевски додавајќи дека и според него треба да има поголема транспарентност.