Судскиот совет на денешната расправа за утврдување одговорност за претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, реши да се запре постапката. Одлуката беше изгласана со седум гласа за запирање и четири гласа против. Расправата беше тензична, а на одговорност најмногу инсистираше членот на Судскиот совет Тања Чачарова – Илиевска.
Дури и претходниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев рече дека Уставот и законот кажуваат кои се обврските на претседателката на Врховниот суд како член на Судскиот совет, но тој ги почитува препораките на Оценската мисија на ЕУ и во принцип е човек што гледа напред и позитивно. Практично тој ги прифати јавно укажувањата на Оценската мисија дека на претседателката на Врховниот суд и на министерот за правда не им е место во ова тело, правејќи ги беспредметни расправите дали отсуствувала оправдано од седниците или не.
Откако имаше неколкучасовно соочување на аргументите за одговорност или не, при што паднаа и обвинувања дека сите стоеле зад иницијативата да се покрене одговорност за Адеми а сега некои се кријат зад празни флоскули и убави говори, завршен збор даде претседаѕелката Весна Дамева. Таа го повика членовите совесно, одговорно, чесно и достоинствено да ја донесат одлуката имајќи во предвид дека се работи не за Беса Адеми туку претседателка на највисокиот суд во Македонија за чија работа има високи оценки и дека е премногу ризично да се расправаат каква мерка да и изречат. Затоа таа се изјасни за прекин на постапката, но нагласи дека ќе ја почитува одлуката што ќе ја донесат. Притоа Дамева рече дека за неа е нерелевантно дали биле оправдани или не отсуствата на Адеми на седниците на Судскиот совет (главниот грев), пред се бидејќи самиот Совет не утврдиле сторена повреда во тој поглед. Според неа Георгиев не згрешил што ја повикал, но грешел во наредните дејствија и лично не поднел барање за одговорност на Адеми, туку тоа дошло од Мињазим Мустафа, што создало впечаток дека е тенденциозно. Таа нагласи исто така дека отсуството на Адеми во Судскиот совет не предизвикало никакви последици или одлагања на седници, дека од него немало никаква штета, дека присуствувала кога тоа било неопходно, и што е најважно според неа е што важи за судија што независно и самостојно носи пресуди и која зборува за прашања од јавен интерес, а и треба да го прави тоа.