Судскиот совет на итната седница на полноќ му го одзема имунитетот на врховниот судија Наќе Георгиев со што го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.
Како што соопштија од Судскиот совет, на 487-та итна седница одржана на ден 21 мај 2024 година, Советот расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија.
„Судскиот совет, го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка. Го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка“, се наведува во соопштението.
Георгиев вчера беше уапсен за примање примање награда за против законито влијание, а како што соопшти полицијата, бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело.
Инаку, Судскиот совет синоќа одлучи да биде затворена за јавност седницата на која расправа по барањето на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитетот и за одобрување на притвор на врховниот судија кој се сомничи за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Одлуката да биде седницата затворена беше донесена едносгласно заради заштита на угледот и интегритетот на судијата, согласно член 39 став 2 од Законот за Судски совет.
Итната седница на Судскиот совет беше свикана по барање на Основниот кривичен суд за одземање на судскиот имунитет на судијата и за одобрување на мерка притвор.
Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска е уапсен врховен судија поради основано сомнение за сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Судијата, како што информираше МВР, е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело.
Уапсениот судија има право да се повика на судскиот имунитет за кој одлучува Судскиот совет на седница со мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас.