Дури 40 препораки испратила оценската мисија на Европската унија за Судскиот совет, по интензивните разговори, проверки на документите и испитување на судската практика во државата. Од нив, 23 се надвор од мандатот на сегашните озлогласени членови на ова тело. Од препораките, 17 можат да се имплементираат на краток рок, бидејќи треба да ги донесе самиот Судскиот совет, а останатите 23 бараат законски, а некои и уставни измени.
Евроамбасадорот Дејвид Гир презентирајќи дел од препораките, порача дека тие ги адресираат „корените и влијанијата“ во Судскиот совет и генерално во судството. Предизвиците во судството се резултат на акумулираните проблеми со години и на отсуството на добра практика. Тој порача дека судството е на критична точка, а препораките ако не се имплементираат со политичка волја, интегритет и транспарентност – нема да бидат корисни воопшто.
Според Гир, една од препораките се однесува на тој кој може да биде член на Судскиот совет, а други препораки се однесуваат на тоа како да се избираат членовите според систем заснован на заслугите, колку гласови треба да добие секој член и како да биде транспарентен процесот. Дел од препораките се однесуваат на отчетноста на членовите на Судскиот совет, за начинот како ќе се одвиваат дисциплинските постапки и за носење на етички кодекс за однесување. Значаен број од препораките се насочени кон поголема транспарентност и начинот на кој ќе комуницира со јавноста.
„Очекуваме овие препораки да бидат приоритет на идната влада, која и да биде. Без имплементација на овие препораки не гледаме начин како ќе бидат сериозни судските реформи“, рече Гир.
Многу од овие препораки водат кон тоа да нема мешање на политиката и бизнисот во судскиот систем, а присуството на министерот како член без право на глас во ова тело е ризик за неговата независност. Гир не кажа директно дали ваквата состојба во судството може да испровоцира вето за преговорите со Македонија, посочувајќи дека проблем со владеењето на правото има и во земји-членки и дека ние сме презеле обврска да го реформираме.