Сугарески: Деведесет отсто од проектираните средства во буџетот за капитални инвестиции

Буџетот за 2019 година е развоен, креиран во насока на задоволување на потребите на граѓаните и стимулирање на економскиот раст на државата, а во кој околу 90 отсто од проектираните средства се расходи наменети за капитални инвестиции, истакна во четвртокот во Владата на Република Македонија, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при презентацијата на буџетот на неговиот ресор за следната 2019 година.

Вкупниот буџет на Министерството за транспорт и врски за 2019 година изнесува 7 милијарди 269 милиони и 985 илјади денари. Во делот на капиталните расходи предвидени се средства во висина од 6 милијарди 419 милиони и 925 илјади денари.

„Реализацијата на капиталните проекти е главен предуслов за економски раст на државата и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. 2019 година за Република Македонија ќе биде година на крупни капитални инвестиции во патната, железничката и комуналната инфраструктура, како и изградба на гасоводната мрежа“ , истакна Сугарески.

Најголем дел од капиталните расходи се наменети за изградба на Железницата кон Република Бугарија и модернизација на пругата на правецот Коридор 10.

„Во делот на изградба и модернизација на Железницата, предвидовме 3 милијарди 340 милиони денари или за две милијарди повеќе споредено со Буџетот за 2018 година. Сакам да најавам дека следната година ќе започнеме со изградба на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, а очекуваме и забрзување на изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце. Исто така, предвидовме 430 милиони денари за субвенции за МЖ Транспорт, наменети за покривање на загубите од превозот на патници“, рече министерот за транспорт и врски.

За изградба на гасоводната мрежа предвиден е буџет во висина од 1 милијарда 557 милиони денари или 1, 1 милијарда денари повеќе, споредено со 2018 година. Министерот изјави дека очекува засилени градежни работи во текот на 2019 година, со оглед на тоа дека веќе се надминати сите спорни моменти со изградбата на гасоводот на Водно.

Министерот Сугарески истакна и дека следната година за изградба на канализации и водоводи преку проектот од Европската инвестициска банка предвидени се 590 милиони денари. Околу 288 милиони денари се предвидени за изградба и реконструкција на водоводите во Гостивар, Кавадарци, Радовиш и Гевгелија во соработка со КФВ банката. Исто така следната година ќе се започне со проектот за изградба на водоводната и канализационата мрежа во индустриската зона Визбегово, за што проектирани се 60 милиони денари.

Во Буџетот за следната година, проектирани се средства во висина од 84 милиони и 210 илјади денари за финансиска поддршка за авиопревозници што ќе воспостават нови авиолинии за граѓаните.

„Во делот на патната инфраструктура предвидени се 123 милиони денари за изградба и реконструкција на локални патишта. Следната година очекуваме да обезбедиме 70 милиони евра заем од Светска Банка кои ќе бидат наменети за подобрување на локалната патна мрежа во сите општини. Во Буџетот за 2019 година предвидовме и три милиони денари за изградба на локални патишта во Липково, како и четири милиони денари за изградба на локален пат во населеното место Таор во Драчево“, рече уште Сугарески.

Министерот Сугарески потенцираше дека изградбата на социјални станови ќе продолжи и во текот на 2019 година, за што се предвидени 310 милиони денари.

Веќе следната година започнува нов проект за олеснување на трговија на Западен Балкан, за што се проектирани 62 милиони денари. Ова е проект што ќе се реализира во соработка со Светска Банка и опфаќа подобрување и опремување на граничните премини, мониторинг и безбедност на патниот Коридор 10 и други активности што ќе помогнат за меѓуграничната соработка на земјите од Регионот. Вкупната вредност на целиот проект изнесува 30 милиони американски долари.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески истакна дека овој, како што го нарече, „граѓански буџет“ ќе има силно влијание врз подобрувањето на условите за живот на сите граѓани во земјата и ќе го стимулира економскиот раст на државата.