Како што објави претходно високопозиционираниот член на СДСМ, Горан Сугарески од денеска се врати на старото работно место во Општина Прилеп како комунален инспектор. Ми беше чест и задоволство да бидам директор на една институција како што е Царинската управа, напиша Горан Сугарески од СДСМ на својот фејсбук профил.
Понеделникот беше неговиот последен работен ден како директор на Царинската управа, откако во меѓувреме беше донесена одлука тој да се кандидира за градоначалник на Прилеп на локалните избори есенва.
„Почитувани колеги, искрено Ви посакувам успешна работа во периодот кој следи. Знам дека сите заедно како тим ќе успеете во унапредувањето на институцијата и Царинската управа ќе остане да важи за водечка царина во регионот, целосно усогласена со стандардите на Европската унија. Ви благодарам на сите за коректната меѓусебна соработка која ја имавме изминатиов период“, напиша Сугарески.
Меѓутоа, Сугарески веќе од првиот работен ден на ново-старата позиција започнал со критики против актуелниот прилепски градоначалник и негов сопартиец Илија Јованоски.
Сугарески притоа, како што пренесуваат локалните интернет страници, рекол дека го напуштил „најубавото работно место“ – директор на Царина, за да прифател ваков предизвик и порачувал дека „нема жива сила“ која ќе го спречела во неговата намера.
Но вистината, сепак, се чини е сосема поинаква. Локални социјалдемократски извори наведуваат дека Сугарески е просто набркан од директорската позција откако му минал мандатот за в.д. директор, а премиерот и негов партиски лидер Зоран Заев не сакал да му го продолжи.
Притоа прилепските членови на СДСМ наведуваат две причини за ваквата постапка на Заев. Едната е што се покажал потполно неспособен, како и со водењето на министерстото за транспорт и врски, а веројатно уште порешавачка била таа што не спаѓа во доверливите и способни личности кои во Царината ќе овозможат лесно изведување на дубиозите и криминалните активности на фирми и лица блиски до владејачката СДСМ.
Се чини дека и во Прилеп, како и во други општини низ земјата, поради неспособноста на актуелните локални власти поради што и е големо незадоволството на граѓаните, се разгорува внатрепартиска битка во СДСМ.
Овојпат амбициозниот Сугарески до точка на усвитување ги донел односите со Илиески. Меѓутоа, партиското членство во Прилеп остро му забележува на Сугарески дека како неспособен и без резултати двапати е сменет од влијателни функции во државата. Прво, од функцијата министер за транспорт и врски, која се смета за едно од најсилните и најдинамични позиции во чиј домен беа десетици капитални клучни проекти кои се заглавени, како гасификацијата, патот за Прилеп, завршувањето на автопатот Кичево – Охрид итн. Покрај тоа, како утеха е преместен во исто така примамлива и важна институција – Царината, каде што исто така не постигна никакви резултати.
Како контрааргумент, велат изворите, сега Сугарески низ градот отворено зборува за криминал кој според него го прави актуелниот градоначалник и ја критикува неспособноста на Илиесеки. Му забележува на противкандидатот во СДСМ дека не реализиран ниеден капитален проект во градот под Марковите кули, освен според него криминално изградено мостче за 750.000 евра кое останува руинирано и денес и се реконструира веќе неколку пати, иако во промет беше пуштено пред само пет месеци.
Сугарски меѓу своите сопартијци од СДСМ го критикувал и „криминално купените четири автобуси“ за дури милион евра, а кои постојано не се во возна состојба, а полнат секојдневно гориво дури во Битола.
Сугарески во својата кампања за добивање номинација на есенските локални избори за градоначалник на Прилеп, критикувал и дека е промашен ветениот булевар кој при изведбата е стеснет во однос на проектот, оти биле уништени паркинзите во градот и познатата Прилепска чаршија.
Извори од СДСМ, како што дознаваат прилепските интернет медиуми, велат дека Сугарески се нафрлил врз Илиески и со обвинување дека единствената „капитална инвестиција“ на актуелниот градоначалник била приватната зграда која се гради во моментов кај раскрсницата „Солидност“, во која наводно продавал станови и дуќани, а истовремено им обезбедил на двајцата свои синови станови во Виена и во Берлин вредни приближно милион евра.