Британските премиер Риши Сунак изјави во средата дека „ништо не е исклучено“ во врска со испраќањето западно оружје за Украина, па ниту испораки на напредни борбени авиони кои ги бараше од него украинскиот претседател Володомир Зеленски.
„Велика Британија одамна јасно рече да, кога станува збор за снабдувањето со воена помош на Украина, ништо не е исклучено“, како и дека испораките на борбени авиони „секако се дел од нашите разговори“, рече Сунак.
„За тоа разговаравме денеска, го правевме тоа и порано и затоа денеска најавивме дека припадниците на украинските воздухопловни сили ќе ги обучуваме на платформите според НАТО стандардите. За тоа разговаравме со нашите сојузници, бидејќи некои авиони коишто ги поседуваме се произведени врз основа на заеднички договори со други земји“, додаде британскиот премиер.
Оваа изјава Сунак ја даде на прес-конференцијата со Зеленски на крајот од неговата посета во база на југот на Англија каде украинските војници се обучуваат за управување со британските тенкови „ Challenger 2“ од кои 14, односно една тенковска чета, се дел од најавената западна помош на Украина.
Зеленски, пак, рече дека „за тие теми“ ќе разговара во четврток „со челниците на Европската унија“, како и за „ракетите со долг дострел.
Од крајот на минатата година украинските функционери редовно при нивните посети на западните сојузници бараат проектили со дострел од 300 километри за да гаѓаат цели, како што тврдат, во длабочината на териториите кои се под руска контрола вклучително и полуостровот Крим, но на Запад, особено во континентална Европа, постои стравување и дилема дека тоа ќе бидат поткревање на ескалацијата на војната на ново ниво.
Во средата вечерта Зеленски, според најавите, отпатувал за Париз каде што ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Олаф Шолц од чиешто опкружување во средата имаше најава за можен телефонски разговор следните денови со рускиот претседател Владимир Путин.
Претходно во средата вечерта руската амбасада во Велика Британија во врска со разговорите за снабдување на Украина со борбени авиони издаде соопштение во кое предупредува дека Русија ќе „пронајде одговор на секој непријателски чекор“ каков што ќе го смета решението на Лондон да ги оствари таквите испораки.
„Би сакале да ги потсетиме функционерите во Лондон: во таков случај, ‘крвавата жетва’ во следната спирала од ескалацијата ќе биде на вашата совест, како и воените и политичките последици за европскиот континент и целиот свет“, предупреди дипломатската мисија на Русија во Обединетото Кралство.