итанскиот премиер Риши Сунак ја напушти Бакингемската палата, каде официјално поднесе оставка до кралот Чарлс, по поразот на неговата Конзервативна партија на вчерашните парламентарни избори.
Британскиот премиер во заминување последен пат зборуваше од Даунинг стрит, каде нагласи дека најважна задача за време на неговиот мандат била да ја врати стабилноста на економијата. Тој додаде дека Велика Британија сега е посилна од порано.
Тој изјави и дека ќе поднесе оставка од функцијата лидер на ториевците, но дека тоа нема да го стори веднаш, туку само кога ќе се официјализира договорот за неговиот наследник.
„Важно е по 14 години на власт Конзервативната партија да се обнови, но и да преземе клучна улога во опозицијата на професионален и ефикасен начин“, рече Сунак.
Британскиот премиер и лидер на конзервативците Риши Сунак го призна поразот на вчерашните парламентарни избори и му честиташе на победата на лидерот на лабуристите Кир Стармер.
Сунак нагласи дека владата ќе се смени „уредно и мирно“ и ја презеде одговорноста за поразот на изборите.
„Британскиот народ донесе отрезнувачка пресуда и јас ја преземам одговорноста за поразот. За многуте добри, вредни конзервативни кандидати кои изгубија вечерва… Жал ми е“, додаде поранешниот премиер.
Лабуристите освоија 410 од 650 места во Долниот дом на вчерашните општи избори во Велика Британија, со што ставија крај на 14-годишната влада предводена од конзервативците, покажаа излезните анкети.
Според анкетите, Конзервативната партија на премиерот Риши Сунак ќе освои само 131 место.
Лидерот на Лабуристичката партија Кир Стармер ќе биде следниот британски премиер откако неговата партија освои огромно мнозинство.
Граѓаните избраа 650 пратеници во Долниот дом на Парламентот со мандат од пет години.
Евидентиран е многу голем одѕив на гласачите, а се верува дека одѕивот би можел да биде еден од најголемите во поновата историја, пишува „Индипендент“.