![super-smeska](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/09/super-smeska.jpg?resize=696%2C470&ssl=1)
Супер Смешка е најново списание за деца, кое има за цел да одговори на најновите светски барања и воспитно-образовни тенденции за едукација на децата низ игра и забава и да ги води кон нови сознанија со помош на содржини сообразени и својствени за возраста.
Списанието кое ќе излегува еднаш месечно (септември – јуни), е одобрено за употреба во установите за деца со решение од Министерот за труд и социјална политика на РМ и претставува своевидно дидактичко средство за реализација на програмските цели.
Содржините во списанието ја следат програмата за рано учење и развој и се компатибилни со возраста на детето и стандардите за рано учење и развој во Република Македонија, кои се меѓусебно синхронизирани и интегрирани како значајна основа во процесот на развојот на детето од предучилишна возраст. Во секоја рубрика од списанието, преку подржување на холистичкиот пристап како единствен во развојот на стандардите и примена на најновите практики во детските градинки, постои комплементарна поврзаност и меѓусебна условеност на петте домени од развојот (Физичко здравје и моторен развој, Социоемоционален развој, Развој на пристап кон учење, Развој на јазикот, описменување и комуникација и Когнитивен развој и стекнување на општи знаења), што значи прогресот во еден домен влијае на развојот на другиот.