Апелацискиот суд во Париз ја суспендира истрагата за афертата околу „прислушувањата“ во која беше вмешан и поранешниот француски претседател Никола Саркози, јави дописникот на МИА од францускиот главен град.
Суспензијата на истрагата ќе трае се додека не бидат разгледани жалбите на Саркози и на неговиот адвокат Тјери Херцог за „ништожност“ на доказите изнесени против нив. Тие ја оспорија легалноста на прислушувањата на телефонските разговори кои ги воделе меѓу себе и со претседателот на адвокатската комора Пјер-Оливие Сур.
Апелацискиот суд од Париз побара од истражните судии да не поднесуваат нови докази се додека Судот не се изјасни по жалбата на Саркози и неговиот адвокат.
Оваа мала пауза во судската постапка која се води против него доаѓа само неколку дена откако тој ја најави неговата кандидатура за претседател на опозициската Унија на народното движење (УМП). Саркози во јуни беше официјално обвинет за „активна корупција, трговија со влијание и прикривање на непочитување на професионална тајна“.
Тој во овај предмет е обвинет заедно со Херцог, кој се товари за „непочитување на професионална тајна“, додека за поранешниот обвинител на Касацискиот суд, Жилбер Азибер постои соменеж дека на адвокатот на Саркози му давал информации за судската постапка која се водела против него во предметт „Бетанкур“, за кој поранешниот претседател беше ослободен од гонењето.
Сомнежите се појавија во рамките на една друга истрага која се води против Саркози за финансирање на неговата претседателска камапња во 2007 година од либиските фондови на Моамер Гадафи. Во таа истрага телефоните на Никола Саркози и на неговиот адвокат беа легално прислушувани.
Од записниците на прислушувањата се дозна дека Саркози и негивиот адвокат биле запознати за текот на судската постапка која се води против него во Касацискиот суд. Истражните судии сакаат да дознаат дали Саркози се обидел да го олесни унапредувањето на Жилбер Азибер, во замена на информации за судската постапка.
Саркози и неговиот адвокат се бранат дека нивните телефони биле илегално прислушувани, за на 20 март годинава во трибина во „Фигаро“, тој ја спроеди оваа постапка со процесите на поранешната комуниситчка тајна полиција во Источна Германија, Штази.