
Поранешниот советник во кабинетот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Драган Симоновски повеќе не е под суспензија, потврдиле во средата за телевизијата Алфа од Министерството за внатрешни работа, откако пред нецела седмица НетПрес пренесе дека Симоновски, кој на 9-ти март беше уапсен под сомнение дека прибавил строго доверлива службена тајна и ја споделил со лице против кое се води истрага, е ослободен од обвинение.
Симоновски се вратил на работа во полицијата, откако обвинителството по неколку месеци, одлучи да не го гони кривично, иако претходно побара МВР да го уапси поради сомнеж за издавање на службена тајна.
Драган Симоновски беше осомничен дека на осомничена во случај што го водела полицијата ѝ кажал дека нејзините активности се следат и нејзиниот телефон е под посебни истражни мерки. Обвинителството тогаш од судот побара и мерки на претпазливост за Симоновски и му беше одредена мерка за забрана на напуштање на местото на живеење.
Непознато е што се случило во меѓувреме и зошто обвинителството и полицијата кои пред неколку месеци беа убедени во вината на тогаш државниот советник, сега се повлекуваат од негов кривичен прогон нема одговор.
За причините на апсењето на Симоновски во медиумите се пишуваше дека тој во февруари годинава се сретнал со лекарка во една болница за да ѝ каже дека полицијата ги следи сите нејзини телефонски броеви. Ја предупредил да биде внимателна и да престане да го прави тоа што го прави, бидејќи може да се засилат мерките против неа и да ја следи агент.
Министерството за внатрешни работи против него поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба, а од Обвинителството на осомничениот му беа изречени мерки на претпазливост.
Очекувам многу скоро, во законски утврдена постапка, сомнежот да биде потврден или отфрлен. Оддавање на службена тајна, загрозување и наштетување на кривична истрага се кривични дела, посочи тогаш министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.