Само ден откако во бугарското Собрание се изгласа дека сесловенските просветители Кирил и Методија се Бугари, а во официјална Софија во меморандуми до земјите членки тврди дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, премиерот Зоран Заев вели ќе биде внимателен во одговорите на барањата на Бугарија за решавање на прашањето за идентитетот на Гоце Делчев.
Според Заев, внимателните одговори се важни со цел да се постигне решение за отворените прашања со Бугарија.
„Знаете дека сме фокусирани на можноста за брзо решавање на ова прашање што е исправено пред нас. Секако, гаранцијата на идентитетските прашања се потврдени со договорот за добрососедство со Бугарија, а тоа е македонскиот јазик и македонскиот народ. Јас верувам дека сите тие документи, коментари кои излегуваат се само желба за решавање на ова четврто историско поглавие или шеста историска личност што може да биде одлична можност да не сплотува, да не зближува, да го јакне пријателството и слично. Ќе бидеме внимателни во коментарите заради тоа што знаеме дека треба да постигнеме решение кое ќе носи придобивки на двете страни и ќе биде за добробит и за позитивни последици за северна Македонија и на Бугарија, изјави Заев.
Захариева: Гоце Делчев е едно од многуте прашања што треба да се решат
Дека Бугарија има сериозна намера да го проблематизира почетокот на преговорите на Македонија со Европската Унија може да се заклучи и од изијавата на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева. Таа вели дека Гоце Делчев е само едно од прашањата кои треба да се решат во македонско – бугарските односи.
„ Добрососедските односи не ги измислува Бугарија и тие се основен услов и критериум за членство во ЕУ. Северна Македонија мора да го почитува и да го спроведува Договорот за пријателство и добрососедство што го потпишавме…Гоце Делчев е едно од многуте прашања што треба да се решат… Ние инсистираме на добрососедство, што не е критериум за членство што го измисли Бугарија, туку е европски – што треба да се набљудува за време на целата преговарачка рамка“ вели Захариева.
Инаку, во Брисел се водат преговори за преговарачката рамка за Македонија. Бугарија неодамна испрати т.н. објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во кој што наведува дека со Македонија има нерешение прашања и дека не е добро во Унијата да се внесуваат отворени спорови. Во меморандумот официјална Софија наведува дека ниту македонскиот јазик ниту македонскиот идентитет не постоел до 1944 година. Се обвинува македонската страна дека не го спроведува Договорот за добрососедство и дека се блокира работата на мешовитата историска комисија која треба да најде заемно прифатливи решенија за спорните прашања меѓу Скопје и Софија.