Св. Великомаченик Георгиј Победоносец – заштитник на сиромасите, лекар на немоќните

Ѓурѓовден е денот кога се слави Св. Великомаченик Георгиј Победоносец – заштитник на сиромасите, лекар на немоќните, помошник на владетелите. Празник на обновувањето на природата и на животот воопшто.

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре,

Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем предхристијански празник во чест на пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден, па и во народната песна се пее за нивната поврзаност, за раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.