Во средбата од второто коло во Групата Е во петокот вечерта во Калининград се случи првиот пресврт на Светското фудбалско првенство откако Швајцарија со 2:1 (0:1) ја совлада Србија.
Србија поведе преку Александар Митровиќ веќе во 5 минута, но во вториот дел Швајцарија направи целосен пресврт на резултатот преку Гранит Џака во 53 и Џердан Шаќири во 90 минута и дојде до важните три бода.,
Агресивниот влез во натпреварот Србија го круниса со водечкиот гол на Митровиќ кој во скокот во противничкиот петерец го надвиси својот директен чувар Шаер и ја заби топката во швајцарската мрежа, откако малку претходно од слична позиција биеше но неговиот удар го одбрани Зомер од идентична ситуација во кој Тадиќ центрираше од левата страна. Во поголемиот дел од првото полувреме Србија доминираше во дуел играта и ја спречуваше Швајцарија да развие посериозни акции во нападот. Сепак Швајцарија во 30 минута создаде добра шанса пред српскиот гол кога Цубер го проигра Џемаили, но овој слабо шутираше па Стојковиќ успеа да ја одбие топката. Во самиот финиш од првото полувреме Србија се закани од прекини, а по еден изведен корнер топката се прошета во шеснаесетникот, но Тошиќ не успеа да ја сврти кон голот.
Во второто полувреме, дојде до пад на интензитетот на играта кај Србите, па Швајцарија доби многу повеќе простор за акции, што го искористи Џака во 52 минута кога кој налета на една одбиена топка од шутот на Шаќири и од 20-ина метри со силен удар го совлада покриениот Стојковиќ. Шаќири по само шест минути ја погоди и стативата. Бидејќи и за двете екипи беше јасно дека бод од вечерашниот дуел нема да биде доволен да се оди натаму, во завршницата двете селекции тргнаа хазардерски. Србија прва можеше да обезбеди ново водство во 68 минута, но Митровиќ беше за малку кус откако Коларов од лево крило упати приземна топка во швајцарскиот петерец. Марио Гаврановиќ во 84 минута, не реализираше голема шанса на спротивната страна од теренот кога преслабо шутираше од 16 метри во српскиот голман. Србија во 90 минута изведе корнер, кој швајцарската одбрана го изби кон средината на теренот каде што беа осамени Шаќири и Тошиќ, а првиот беше попргав и успеа да се избори за предност и откако влезе во казнениот простор пласираше покрај Стојковиќ во празната мрежа.
Претходно во оваа група Бразил дури во седуминутното судиско продолжение со 2:0 ја совлада Костарика, па сега со Швајцарија имаат по четири бода, трета е Србија со три, а Костарика е елиминирана без бодови. Во последното коло Швајцарците ќе играат со Костариканците, додека Бразил и Србија меѓусебно најверојатно ќе решаваат за вториот осминафиналист од групата.