Во касарната „Чеде Филипоски – Даме“ во Кичево денеска свечено ќе биде дочекан контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада, (1.мпбр) кој што во изминатите шест месеци учествуваше во мисијата ИСАФ во Авганистан.
На свеченоста по повод враќањето на контингентот на АРМ од мисијата ИСАФ ќе присуствуваат Министерот за одбрана Талат Џафери, Заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Насер Сејдини, Државниот секретар во МО Сашо Стефаноски, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, претставници од МО и ГШ на АРМ, претставници од локалната самоуправа, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
Во петнаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествува со механизирана пешадиска чета, во Авганистан учествуваа 148 припадници на 1. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник беа распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.
Припадниците на АРМ во изминатите шест месеци во Кабул задачите ги извршуваа во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде што беа задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
За беспрекорното и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, беа оценети со највисоки оценки, заради што АРМ и понатаму ужива висок рејтинг во НАТО.
Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да го проследат и да известуваат за настанот. Заради запазување на процедурите за влез во касарната ,,Чеде Филипоски – Даме“ во Кичево, пристигнувањето пред пријавницата на касарната, треба да биде најдоцна до 11.30 часот.