Свечено доделени сертификатите на првите техничари образувани во Брако

Велешката компанија БРАКО е еден од стопанските партнери во програмата за Дуално стручно образование и изминатите неколку години активно учествува во создавање на стручен кадар од областа на современото машинство.

На првите техничари образувани во БРАКО во рамките на програмата за Дуално стручно образование по германски модел, свечено им беа доделени сертификати во рамки на бизнис настанот Suppliers Balkan Expo -SUBEX, организиран од Делегацијата на германско стопанство – АХК Македонија.

Со овој сертификат се потврдува дека завршениот средношколец има стекнато клучни стручни компетенции од соодветниот германски образовен профил и е подготвен директно да се вклучи во производствените технолошки процеси.

„БРАКО е современа компанија од областа на метало-преработувачкиот сектор каде учениците ги применуваат стекнатите теоретски знаења од средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес. Сертификатите за Техничар за производно машинство им ги врачи директорката на Делегацијата на германско стопанство во Македонија, Антје Ванделт“ – истакна Олгица Минова ,сертифициран ментор за Дуално образование во БРАКО.

Интересот за учење преку работа кај младите лица е се поголем и бројот на ученици кои се запишуваат во средните стручни училишта и се образуваат по системот на дуално образование од година во година е се поголем.