Доделувањето на наградите на СОКОМ ќе се одржи на свеченото затворање на фестивалот 44.Денови на македонска музика, пред гала-концертот со солисти и оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Иван Еминовиќ.
На гала концертот на солистите и оркестарот на Националната опера и балет публиката ќе има можност за прв пат, по последните изведби во 1955г., да проследи увертира од првата македонска опера „Гоце” од композиторот Кирил Македонски (1925-1984). На програмата се арии од најмаркантните творци на оперски дела, градитители на македонската музичка историја: Трајко Прокопиев (1909-1979) со арии од операта „Разделба” која одбележува 50 години од создавањето, Кирил Македонски со монолог од операта „Цар Самуил”, Тома Прошев (1931-1996) композиторот кому СОКОМ му го одбележува јубилејот од 90год. од раѓање со арија од
операта „Пајажина”, Академик Ристо Аврамовски (1943-2007) со монолози од операта „Болен Дојчин”, потоа композиторите кој сеуште делуваат и создаваат дела што ќе го збогатат музичкото наследство на Р Македонија: Стојан Стојков (1941) со арија и дует од операта „Змејовата невеста”, и помладите: Горан Начевски (1978) со арии од операта „Помеѓу соништа и летови”,Фатос Лумани (1983) Аријана Хасан ага и Сема/инструментален фрагмент од операта „Скендер бег”. Како солисти ќе настапат: Катерина Стојановска-сопран, Александра Лазаревска-Василев-сопран, Наде Талевска-Спасовска –сопран, Јане Дунимаглоски-тенор, Владимир
Саздовски-бас, Армандо Ликај-баритон (Албанија), Невен Силјановски-баритон, Горан Начевски-баритон и Васко Здравков-баритон.
Оваа година СОКОМ ќе ја додели единствено наградата „Георги Божиков”, која се доделува на музички уметници и ансамбли за континуирано, успешно изведување и промовирање на македонското музичко творештво, на дела од македонски композитори од различни генерации. Добитник на наградата „Георги Божиков” за изведна на дело од македонски композитори во
изминатата 2020 година е пијанистот Симон Трпчески. а комисијата е во состав проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог, д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, музиколог, и проф. д-р Валентина Велковска-Трајановска, композитор.