Француска катедрала Нотр Дам повторно ги отвора вратите денеска, на 7 декември, за првпат по разорниот пожар во 2019 година кој речиси го уништи споменикот стар 861 година.
Реставрацијата за само пет години на катедрала за која биле потребни речиси два века да се изгради, се смета за момент на триумф на францускиот претседател Емануел Макрон, јави агенцијата АП.
На актуелната прва дама на Соединетите Американски Држави, Џил Бајден, британскиот принц Вилијам и новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп им се придружија речиси 50 шефови на држави и влади, како и многу познати личности.
На церемонијата ќе присуствуваат вкупно 1.500 гости.
Наместо планираниот почеток на свеченостите на плоштадот пред катедралата, поради прогнозата на силни ветрови за сабота навечер во Париз, Елисејската палата и Париската надбискупија најавија дека целата церемонија ќе се одржи во Нотр Дам.
Во недела, архиепископот Улрих ќе ја предводи првата миса и ќе го освети новиот олтар на катедралата дизајниран од уметникот Гијом Барде, како замена за олтарот уништен во пожарот.
На мисата ќе присуствуваат речиси 170 епископи од Франција и од странство, заедно со свештеници од сите 113 парохии на париската надбискупија.
Отворањето на Нотр Дам доаѓа во време на длабоки превирања во светот, со војни кои беснеат во Украина и на Блискиот Исток.
Оваа церемонија, според АП, ќе биде многу неопходен поттик за претседателот Макрон, кој се соочува со големи политички предизвици по неодамнешната оставка на францускиот премиер Мишел Барние, што дополнително ја влоши политичката ситуација во земјата.
Барние поднесе оставка на 5 декември откако пратениците од екстремната десница и левица гласаа за пад на неговата влада.
На толпата ќе им се обрати францускиот претседател, кој повторното отворање на Нотр Дам го нарече „искра на надеж“.
Поради отварањето на Нотр Дам, Париз ќе биде под засилени безбедносни мерки, слични на оние за време на Олимпијадата на почетокот на оваа година.
Трибините долж јужниот брег на Сена ќе бидат домаќини на 40.000 гледачи, кои ќе можат да ја следат церемонијата на големи екрани.
По катастрофата во 2019 година, скоро милијарда долари во донации беа брзо собрани од целиот свет.