Сведоци за „Топлик“ стражарно ќе бидат доведени на наредното судење

На денешното рочиште во Кривичниот суд за случајот „Топлик“, каде за злоупотреба на службената положба и овластувањата се обвинети поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и уште петмина службеници во министерството, судијата Осман Шабани донесе наредба да бидат приведени и донесени во судот тројца сведоци, информира „Макфакс“.

Причината за тоа е што тие денеска не се појавија во судницата. Тие ќе бидат донесени да сведочат на следното судско рочиште кои е закажано за 21 септември.

Јанакиески, според обвинението на СЈО, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Штетата што ја направиле на државата е 65 милиони денари.