Сведок во „Монструм“: „Омегата“ беше пронајдена исчистена

Возилото „опел омега“, за кое се претпоставува дека го користеле извршителите на убиството на Смилковско Езеро, внатре било неизвалкано, тврди поранешен припадник на МВР, кој на 13 април 2012 бил на местото Враживир и имал за задача да го фотодокументира автомобилот.

Тој денеска сведочеше на рочиштето за „Монструм“ на предлог на обвинителството.

„Возилото го фотографирав внатре и надвор. Потоа и го обезбедив до МВР, кое беше пренесено со влечна служба на МВР. Таму отидовме по најава на СВР-Скопје. Техничка обработка на возилото не сум извршил јас. При мојата задача се грижев да не се губат трагите. Не знаев со кој случај е поврзано возилото“, изјави тој пред судот и истакна дека работел на многу кривични настани, но во овој случај возилото било исчистено и средено.

На претходното рочиште за предметот ,,Монструм“, свој исказ даде началникот на одделението за увид на место на настан при СВР Скопје Г. М., односно за неговата поврзаност со возилото „опел омега“, најдено во местото Враживир.

За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се: Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Судењето за овој предмет го водат Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.