Во гостување на радио емисија, славниот шведски стручњак Свен Горан Ериксон соопшти дека има карцином на панкреасот кој се наоѓа во поодмината фаза и дека прогнозите се фатални.
„Во најдобар случај, имам уште една година живот, а во најлош – неколку месеци. Ова е најтежок удар во мојот живот. Се трудам да извлечам најдобро што можам, сите сфаќаат дека сум болен, нагаѓаат дека е рак и тоа е тоа. Морам да се борам што е можно подолго“, откри Ериксон.
Идниот месец тој треба да наполни 76 години, а ќе остане запамтен како еден од најголемите светски фудбалски стручњаци. Беше и во Македонија во 2003 година како селектор на англиската репрезентација, во квалификациите за Европското првенство во Португалија, а како тренер, водеше некои од најголемите европски клубови: Бенфика, Рома, Фиорентина, Сампдорија, Лацио, Манчестер Сити, Лестер итн.