Свен Горан Ериксон: Имам уште најмногу една година живот!

Од почетокот на 2024 година починаа светските фудбалски легенди Марио Загало и Франц Бекенбауер, а наскоро во вечното почивалиште може да замине уште едно големо име.

Во гостување на радио емисија, славниот шведски стручњак Свен Горан Ериксон соопшти дека има карцином на панкреасот кој се наоѓа во поодмината фаза и дека прогнозите се фатални.

„Во најдобар случај, имам уште една година живот, а во најлош – неколку месеци. Ова е најтежок удар во мојот живот. Се трудам да извлечам најдобро што можам, сите сфаќаат дека сум болен, нагаѓаат дека е рак и тоа е тоа. Морам да се борам што е можно подолго“, откри Ериксон.

Идниот месец тој треба да наполни 76 години, а ќе остане запамтен како еден од најголемите светски фудбалски стручњаци. Беше и во Македонија во 2003 година како селектор на англиската репрезентација, во квалификациите за Европското првенство во Португалија, а како тренер, водеше некои од најголемите европски клубови: Бенфика, Рома, Фиорентина, Сампдорија, Лацио, Манчестер Сити, Лестер итн.