„Светот пропаѓа“, предупредува папата во новото послание

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск во средата објави нов документ за заканата од климатските промени, предупредувајќи дека не правиме доволно и дека „светот пропаѓа“, неколку седмици пред Климатските разговори на ОН во Дубаи COP28.

Осум години по историската енциклика за климата „Laudato si“ (Фален биди) од 2015 година, папата објави апостолско послание од 12 страници наречен „Laudate Deum“ (Фалете го Бога) во кој ги повика големите сили да ги поддржат „обврзувачката“ и „проверлива“ енергетска транзиција и предупреди на „неразумните“ климатски скептици, кои ги има дури и во редовите на Католичката црква.

Посланието е напишано на шпански и преведено на повеќе јазици.

„Во последниве години, многумина се обидоа да се исмеваат со овој факт“, истакнува папата, приклучувајќи се на тврдењата на, во прв ред, политичките светски елити и научниците кои се поврзани со од нив спонзорираните фондации, за наводно „зголемениот број неточни информации кои го релативизираат“ глобалното затоплување или „исмејувањето“ на оние кои зборуваат за тоа.

„Попусто се трудиме да ги негираме, сокриеме, прикриваме или релативизираме, знаците на климатските промени се секогаш таму, сѐ повидливи“, тврди Светиот отец, оценувајќи ја „експлозијата на бројот на климатски бегалци во неколку години“ како „веројатна“.

Папата предупредува на штетата предизвикана од „нескротливото“ влијание на човекот врз природата и го критикуваше „неодговорниот западен начин на живот“, посочувајќи го прстот кон САД и Кина поради нивните високи нивоа на емисии на стакленички гасови.

Изразува жалење што „климатската криза не е тема што навистина ги интересира големите економски сили, кои се стремат кон највисок профит по најниска цена и во најкус можен рок“.

Истакнувајќи дека „старата дипломатија е во криза“, папата повикува на „реконфигурација на мултилатерализмот“ во време кога целите за намалување на емисиите на јаглероди изгледаат сè потешко да се постигнат.

Повикувајќи на глобална солидарност за заштита на животната средина, енцикликата на папата „Laudato si“ од 2015 година предизвика дискусии на светско ниво, што во западниот свет не се памети во врска со некој религиозен текст. Неколку месеци подоцна беше постигнат голем напредок со усвојувањето на Парискиот договор за климата, чија главна цел е да се ограничи глобалното затоплување под 2 Целзиусови степени.