Светот стана поопасен, но НАТО стана посилен, изјави Столтенберг

Doorstep statement by NATO Secretary General Jens Stoltenberg ahead of the 2023 NATO Summit in Vilnius

Рускиот претседател Владимир Путин започна војна обидувајќи се да ја затвори вратата на НАТО, но не успеа во тоа. Светот стана поопасен, но НАТО стана посилен, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг на денешната прес-конференцијата во Брисел на која го презентираше својот Годишен извештај за 2023 година.

– Лани Финска се приклучи на семејството на НАТО, минатата недела Шведска стана 32-ри сојузник, а Украина е поблиску до НАТО од кога било досега. Така што НАТО сега е поголем и посилен, истакна Столтенберг.

Тој нагласи дека Годишниот извештај ги сумира сите различни активности и работи што се случија во рамките на Алијансата во текот на минатата година, како и главните достигнувања – зајакнатата одбрана, новите воени планови, поголемиот број сили во зголемена готовност и зголемените инвестиции во одбраната.

Столтенберг, како што јави дописникот на МИА од Брисел, посочи дека последното истражување на јавното мислење во земјите членки на НАТО покажуваат дека поддршка за Алијансата е исклучително силна од двете страни на Атлантикот.

– Доколку денеска би се одржало гласање, огромно мнозинство граѓани низ сојузничките земји би гласале за НАТО. На пример, во САД само 13 отсто би гласале против. Над 80 отсто од нашите граѓани веруваат дека Северна Америка и Европа мора да продолжат да работат заедно за нашата заедничка безбедност. Така, ширум Алијансата, поддршката за НАТО останува цврста, истакна Столтенберг.

Тој нагласи дека, според истражувањето, граѓаните на земјите членки на НАТО, исто така, продолжуваат да изразуваат силна солидарност со „храбрите Украинци“.

– Низ Алијансата, вкупно две третини од луѓето сакаат нивната земја да продолжи да ја поддржува Украина. Ова е важно, бидејќи сојузниците на НАТО обезбедуваат 99 отсто од целата воена помош, додаде Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО потсети дека и во 2023 година, Алијансата продолжи да обезбедува поддршка за Украина доставувајќи и артилерија, муниција, тенкови, оклопни транспортери, патролни чамци, противвоздушна одбрана, хеликоптери, дронови, радари, проектили со голем дострел, ракети и авиони Ф-16.

– Неколку сојузници сега потпишаа билатерални безбедносни договори со Украина. Невидената помош од сојузниците на НАТО и помогна на Украина да опстане како суверена и независна нација. Но, на Украина и треба уште поголема поддршка и и треба сега. На Украинците не им снемува храброст, им снемува муниција, потенцира Столтенберг.

Тој истакна дека членките на НАТО имаат капацитет да и го обезбедат на Украина сето она што и е потребно, но треба да покажат политичка волја и брзо да испорачаат, бидејќи секој ден одложување создава реални последици на украинското бојно поле.

– Значи, ова е критичен момент и би било тешка историска грешка да му се дозволи на Путин да доминира. Не можеме да дозволиме авторитарните лидери да постигнат успех со употреба на сила. Тоа би било опасно за сите нас, заклучи Столтенберг.

Првиот човек на НАТО потенцира дека лани Алијансата ја постави својата одбрана на уште поцврста финансиска основа, со тоа што деветта година по ред се бележат зголемени инвестиции во одбраната низ Европа и Канада и раст на одбранбените расходи за 11 проценти.

– Во 2024 година, сојузниците на НАТО во Европа ќе инвестираат вкупно 470 милијарди американски долари во одбраната. Тоа првпат изнесува два отсто од нивниот вкупен БДП. Оваа година, две третини од сојузниците ќе ја исполнат „целта од два проценти“, за разлика од само тројца сојузници во 2014 година кога договоривме зголемување на инвестициите во одбраната, рече Столтенберг.

Тој истакна дека во текот на минатата година НАТО ги продлабочи односите со своите истомисленици, вклучително и со пријателите во индо-пацифичкиот регион и со Европската Унија, но и со партнерите во индустријата.

– Во 2023 година го договоривме новиот Акциски план за одбранбено производство. Да се зголеми производството, да се зајакне ангажманот со индустријата и да се зголеми интероперабилноста. Оттогаш, НАТО склучи договори во вредност од десетици милијарди долари за муниција и за клучните капацитети. Ова е важно за нашата безбедност и за Украина, додаде генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг нагласи дека НАТО ги повикува европските партнери да инвестираат повеќе во одбранбената индустрија и да ги зголемуваат трошоците за набавка на муниција и воена опрема. Според него, не може да има различни цели во планирањето на одбраната за една земја во рамки на НАТО и на ЕУ и затоа треба заеднички да се работи и Алијансата и Унијата блиску да соработуваат во утврдување на трошоците за одбранбената индустрија.

Тој потенцира и дека новиот иновациски акцелератор на НАТО – ДИАНА двојно ќе ја зголеми својата мрежа со над 200 пунктови на двете страни на Атлантикот, кои ќе се фокусираат на решавање на најголемите одбранбени и безбедносни предизвици и на зајакнување на технолошка предност на Алијансата во области како вештачката интелигенција, кибер безбедноста и 5Г и хиперсоничната технологија.

Столтенберг нагласи дека во годината кога ја одбележува 75-годишнината од своето формирање, НАТО се наоѓа на важна пресвртница и мора да продолжи да се прилагодува за иднината.

– Очекувам дека ќе преземеме дополнителни чекори за поддршка на Украина, ќе ги зајакнеме нашите ресурси и одбраната и ќе ги продлабочиме нашите партнерства низ целиот свет. Во непредвидлив свет, НАТО е важен повеќе од кога било. На нашата 75-годишнина, ќе продолжиме да го демонстрираме нашето единство, солидарност и решителност, заклучи Столтенберг.