Светот во 2023: Конфликтот Израел – Хамас без извесност

Изминатите три месеци беа најсмртоносни досега за Палестинците кои живеат во Газа – од 7 октомври досега според владата на Хамас, во Газа убиени се повеќе од 20.000 луѓе во нападите на израелските сили. На маса е план од Египет за прекин на сите непријателства претставен во ист момент кога израелски официјални лица тврдат дека конфликтот „не е ниту близу до крајот и ќе трае – долго“.

Вооружени лица на Хамас почнаа напад без преседан врз Израел од Појасот Газа на 7 октомври, при што убија 1.200 луѓе и земаа околу 240 заложници. Тој ден стотици вооружени лица на Хамас преминаа од Појасот Газа во јужен Израел, пробивајќи ја силно чуваната ограда во најсериозниот прекуграничен напад во повеќе од една генерација.

Израелската војска одговори со воздушни напади врз Газа и започна копнена офанзива. Во првите шест дена од конфликтот израелската армија исфрли врз Газа 6.000 бомби. Газа има окоу 365 км/квадратни. За споредба – западната коалиција во борбите оротив ИД исфрли околу 2.500 бомби за еден месец на површина од околу 41.000 кв/км.
Тоа е петти конфликт од 2006 година досега меѓу Израел и Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел има „јасна цел да ги уништи воените и управувачките капацитети на Хамас“, како и да ги ослободи заложниците. Нетанјаху, исто така, изјави дека Израел ќе има „целосна безбедносна одговорност“ за Газа „на неодреден период“ по конфликтот. Подоцна нагласи дека Израел нема планови за повторно окупирање на територијата.

Нетанјаху ги спореди воените напори со библиската приказна за Амалек, кога Бог му кажува на кралот Саул да го убие секој човек, вклучително и жени и деца, во ривалската нација на древниот Израел.

Израел, Велика Британија, САД и другите западни сили го класифицираат Хамас како терористичка организација.

Од нападите на 7 октомври, воени авиони на израелските одбранбени сили (ИДФ) извршија воздушни напади низ Газа додека нивните војници копнено спроведуваат операции. Израел има на располагање 300.000 резервисти за операцијата, зголемувајќи ја својата постојана сила од 160.000.
ИДФ тврдат дека погодила повеќе од 22.000 цели од 7 октомври и уништила повеќе од 800 тунели изградени под Газа.
Хамас претходно тврдеше дека неговата тунелна мрежа се протега на 500 километри.
Сателитските снимки сугерираат дека речиси 100.000 згради во Газа се оштетени за време на борбите.

Хамас продолжи да испукува ракети од Газа кон Израел.

За време на привременото примирје на крајот на ноември, Хамас ослободи 105 заложници, а Израел ослободи 240 палестински затвореници како дел од договор. По завршувањето на привременото примирје, израелските трупи навлегоа во јужниот дел на Газа и започнаа операции против Хамас и другите вооружени групи во и околу градот Кан Јунис.

Според договорот постигнат со посредство на Катар, седумдневната пауза во борбите започна на 24 ноември.

За време на примирјето, 81 Израелец и луѓе со двојни државјанство беа ослободени, заедно со 24 странци додека 240 Палестинци беа ослободени од израелските затвори.

Израел тврди дека убил илјадници борци на Хамас за време на војната, вклучително и многу команданти.

ИДФ соопшти дека 134 израелски војници биле убиени од почетокот на копнената офанзива на 27 октомври. Вкупно, 466 војници се убиени од 7 октомври – повеќето од нив за време на нападите на Хамас тој ден.

Израел, исто така, изврши многу воздушни напади врз Рафа, во близина на египетската граница, каде што претходно им порача на жителите на Кан Јунис да избегаат.

Жестоките борби продолжуваат на север, околу бегалскиот камп Џабалија и источниот округ Шеџаија во градот Газа.
ОН проценуваат дека на северот остануваат 100.000 цивили.

За време на нападите на 7 октомври, Хамас зеде околу 240 заложници, за кои рече дека биле скриени на „безбедни места и тунели“ во Газа.

Израел тврди дека повеќе од 30 од заложниците се деца. Најмалку 10 од заложниците се на возраст над 60 години. Тврдат дека околу половина од заложниците имаат странски пасоши од 25 различни земји.

Израелските војници по грешка застрелаа тројца заложници кои истакнуваа бело знаме во Газа на 15 декември.

Се смета дека околу 120 луѓе се уште се во заробеништво. Од вооруженото крило на Хамас се појавија информации дека дел од заложниците не се знае каде се поради интензивние бомбардирања и дека им се губи трага.

Хамас соопшти дека други вооружени групи во Газа држат заложници, вклучувајќи го и палестинскиот исламски џихад. Ова може да ги комплицира идните потези.

Секоја страна ја обвини другата за крах на примирјето и продолжувањето на борбите на 1 декември.

Нетанјаху рече дека Хамас „не ја исполнил својата обврска да ги ослободи сите жени заложници“ и дека „лансирал ракети врз израелските граѓани“.

Хамас рече дека Израел одбил „да ги прифати сите понуди за ослободување на другите заложници“.

На 13 декември, Генералното собрание на ОН донесе необврзувачка резолуција со која се повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и „итно и безусловно ослободување на сите заложници“.

Пет дена претходно, САД ставија вето на слична нацрт-резолуција во Советот за безбедност на ОН нагласувајќи дека прекинот на огнот ќе му овозможи на Хамас да се прегрупира.

Понатамошното гласање за прекин на огнот во СБ на ОН беше постојано одложувано поради спорови околу формулацијата на резолуцијата.

Лидерот на Хамас Исмаил Ханија присуствуваше на разговорите во Каиро за нов можен прекин на огнот.

Сепак, на 21 декември, Хамас рече дека сите вооружени палестински групи ја отфрлиле можноста за ослободување на повеќе заложници доколку Израел не се согласи да ја прекине војната во Газа.

Покрај повеќе од 20.000 пријавени загинати, Министерството за здравство со кое раководи Хамас вели дека 52.600 луѓе се повредени од почетокот на војната. Според проценки на тамошните власти – над 6.000 деца се загинати од тој датум во израелската противофанзива. Стотици се исчезнати. Од почетокот на конфликтот – едено дете во Газа гине во просек на секои 10 минути.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека само девет од 36-те болници во Газа се се’ уште делумно функционални, сите на југ. Tие болници работат со трипати поголем капацитет, додека се соочуваат со критичен недостиг на основни материјали и гориво за нивните генератори. Повеќе од девет илјади луѓе починаа во Појасот Газа поради тоа што не можеле да имаат соодветен третман, информираше генералниот директор на прес-службата на Владата, Исмаил ал Тавабта.

Нетанјаху призна дека Израел „не бил успешен“ во минимизирањето на цивилните жртви, но вели дека Хамас ги користи цивилите во Газа како жив штит.

Храната е дефицитарна во Газа и цените се зголемени, што значи дека многу луѓе не можат да си дозволат основни производи како брашно. Недостигот на струја ја отежнува состојбата.

Според Unrwa, агенција на ОН за палестински бегалци, 1,9 милиони жители на Газа – околу 85% од населението – се раселени, а 1,4 милиони од нив се засолнети во нејзините објекти.

Многумина од нив избегаа од борбите на север по израелска наредба да се преселат јужно од долината на реката Вади Газа заради своја безбедност.

Десетици илјади се преселија во Рафа за да избегаат од борбите. ОН велат дека има најмалку 486 луѓе за секој тоалет во нивните засолништа таму.

Израелската војска објави онлајн мапа со Газа поделена на повеќе од 600 блокови, прикажувајќи ги областите каде луѓето треба да се евакуираат за своја безбедност. Но, УНИЦЕФ, добротворната организација на ОН за деца, предупреди дека некои од „безбедните“ зони се „ситни делови од пуста земја“ без вода, канализација или засолниште.

По нападите на 7 октомври, Израел ги затвори своите гранични премини со Газа, спречувајќи ги вообичаените резерви на храна, вода и лекови да влезат на територијата.

Израел дозволи ограничената испорака на помош да продолжи преку граничниот премин Рафа, контролиран од Египет, на 21 октомври. Сепак, ОН велат дека бројот на камиони што влегувале секој ден бил околу една петтина од дневниот просек од 500 пред војната.

Израел сериозно ги ограничи резервите на гориво, тврдејќи дека тоа може да биде украдено од Хамас и да се користи за воени цели.

На 17 декември, Израел повторно го отвори преминот Керем Шалом со Газа, дозволувајќи уште една рута за помош да влезе на територијата.

Сепак, ОН велат дека се борат да дистрибуираат помош надвор од областа Рафа – обвинуваат за недостигот на камиони, недостигот на гориво, честите прекини на телекомуникациите и опасностите од патување низ областите каде што има борби.

Египет на католички Божик им претстави на страните вклучени во конфликтот меѓу Израел и Хамас план за ставање крај на војната – прекин на огнот, постепено ослободување на заложниците од Газа и формирање палестинска влада од експерти за управување и на Западниот Брег и на Газа.

Планот предлага прекин на огнот до две недели во кој палестинските милитанти ќе ослободат 40 до 50 заложници во замена за 120 до 150 Палестинци од израелските затвори, а за тоа време ќе продолжат преговорите за примирјето и ослободување на повеќе заложници.

Египет и Катар, исто така, ќе преговараат со сите палестински фракции, вклучително и Хамас, за да се договорат за формирање преодна експертска влада додека не се договори за одржување претседателски и парламентарни избори.Во меѓувреме, Израел и Хамас ќе продолжат да преговараат за сеопфатен договор „сите за сите“

Израел држи околу 8.000 Палестинци во затвори, а 129 заложници остануваат во Газа.

Во услови на намалена меѓународна поддршка за војната на Израел, има мала дебата за тоа која страна ја добива битката – за срцата и умовите. Бројот на Американци кои сакаат САД да застанат на страната на Израел се намали од 43 отсто во октомври на 37 отсто во ноември, според истражувањето спроведено од Универзитетот во Мериленд и Ипсос. Откако десетици илјади демонстранти излегоа на улиците во европските престолнини, некои од најистакнатите лидери на континентот се откажаа од целосното прифаќање на израелската кампања, при што францускиот претседател Емануел Макрон го повика Израел да ги прекине непријателствата.

САД остануваат единствената членка на Советот за безбедност на ОН која гласаше против повикот за итен прекин на огнот. И сега дури и администрацијата на Бајден, најверниот сојузник на Израел и најголемиот снабдувач на воена помош, ја турка земјата да ја намали својата офанзива. „Тие мора да бидат внимателни“, рече претседателот Џо Бајден на 11 декември.

„Целото јавно мислење во светот може да се смени преку ноќ. Не можеме да дозволиме тоа да се случи“.

Но, иако воената војна меѓу Израел и Хамас може да заврши за неколку недели или месеци, информативната војна веројатно ќе продолжи долго откако последниот тенк ќе излезе од Газа.

„Навикнати сме на реалноста каде што историјата ја пишува победникот“, вели Мајклсон, 22-годишен соработник во одделот за односи со јавност на ИДФ во изјава за Тајм. „Тоа веќе не е така“,

Газа беше заземена од Израел за време на Шестдневната војна во 1967 година. Израел ги повлече своите војници и околу 7.000 доселеници од територијата во 2005 година. Дом на 2,2 милиони луѓе, тесниот појас е една од најгусто населените области во светот.

Според ОН, нешто повеќе од три четвртини од населението на Газа – околу 1,7 милиони луѓе – се регистрирани бегалци или потомци на бегалци. Пред последниот конфликт, повеќе од 500.000 луѓе живееле во осум бегалски кампови лоцирани низ Појасот.

Израел го контролира воздушниот простор над Газа и нејзиниот брег, и строго го ограничува движењето на луѓе и стоки.

Хамас е палестинска група што управува со Газа од 2007 година.

Името е акроним за Harakat al-Muqawama al-Islamiya, што значи Исламско движење на отпорот.
Нејзиното воено крило, Бригадите Изедин ал-Касам, се смета дека има околу 30.000 членови.

Западниот Брег и Газа се познати како палестински територии. Палестински претседател е Махмуд Абас, познат и како Абу Мазен. Тој е сместен на Западниот Брег, што е под израелска окупација.

Тој е лидер на Палестинската управа (ПА) од 2005 година и ја претставува политичката партија Фатах – ривал на Хамас.